среда, 11 декември 2024

Медиуми и аналитичари: ЕУ воздржана и поделена ја дочека победата на Трамп

Европската Унија воздржана и поделена ја дочека победата на Доналд Трамп на изборите за претседател на Соединетите Американски Држави и главните оценки на медиумите и аналитичарите се дека сега Америка уште посилно тргнува „во светот кој Трамп го гледа само преку нишанот на американските национални интереси“, од трговијата до војната во Украина, која сега може да падне целосно на грбот на ЕУ.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тоа го оценуваат многу медиуми, како француски Монд кој наведува дека „Трамп го гледа светот како однос на силите во трговските војни и го презира мултилатерализмот“ и дури заклучува дека ова е „крајот на еден американски свет“.

Во сите анализи се истакнува дека враќањето на Трамп во Белата куќа претставува голем пресврт за САД и крај на патот по кој се одело од крајот на Втората светска војна, а тоа значи дека „нема повеќе американска супер-сила отворена и ангажирана во светот со цел да ја зајакне демократијата, а не авторитарните режими“.

Големата опасност е, како што оценуваат, Европа да ја погоди и растури политиката на Трамп на економско затворање, кревање на царините на увоз и особено кастрењата, повлекувањето од системот за одбрана на Европа, вклучувајќи можен договор со Москва за прекин на конфликтот во Украина.

„Европејците за тоа едноставно не се спремни“, предупредува германскиот сајт Еуроинтелиџенс кој оценува дека сега во опасност е безбедноста на стариот континент.

„Опасноста од поделба, расцепување во Европа во таа перспектива е сосема опиплива“, додава Монд и вели дека „тоа е опасност за опстанокот на Европската Унија, за што лидерите во ЕУ многу задоцнија навремено да се подготват“.

Италијанскиот дневник Кориере дела сера забележува дека некои лидери во ЕУ силно, а други воздржано ја поздравија победата на Трамп и истакнува дека „тоа се случува во момент на голема слабост на Европската Унија која мора да се соочи со своите заостанувања на светската шаховска табла – од одбраната до заедничкото гледање на индустрискиот развој за да се избегне „тивката агонија“ која ја утврди (поранешниот гувернер на Европската централна банка Марио) Драги“.

Трамп порача дека ќе ги намали американските војни и воени трошоци, а понатаму ќе бара Европа повеќе да троши на својата одбрана. И Кориера дела сера напоменува дека две и пол години од почнувањето на конфликтот на нејзините граници, ЕУ не е во состојба да создаде ни зачеток на европска одбрана, „така што речиси 200 милијарди евра европски пари за Украина воопшто не гарантираат дека таму може да се избегне пораз“.

Општиот став во европските анализи е дека Трамп веројатно планира да почне голема трговска војна, погубна за светската економија, а особено за извозот на ЕУ на американскиот пазар.

Трамп „се фали“ и дека може да издејствува без прекин на војната меѓу Русија и Украина.

„Но по цена и на чија штета“, прашува шпанскиот весник Периодико, „а јасно е дека тоа значи дека следи расправа за улогата на НАТО како гарант на европската безбедност и улогата на САД“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ