недела, 27 октомври 2024

Од денеска граѓаните онлајн ќе може да пријавуваат корупција во процесот на урбанистичко планирање

Како се носат законите и како да се препознаат закони со ризици од корупција, како граѓаните може активно да се вклучат во следење на овие процеси и како да пријават до надлежните? Сето ова го содржи платформата за борба на граѓаните и граѓанските здруженија против корупцијата во процесот на донесување на урбанистички планови и закони во Собранието, што беше претставена денеска во Скопје од Иницијативата О2.

Фото: Архива

Објавено на

часот

Сподели

Граѓаните на  онлајн платформата на Иницијативата О2 може да се запознаат со читање на основните работи во урбанистичките планови, преку информативни видеа, инфорграфици, како и преку примерни на конкретни случаи на корупција во урбанистичкото планирање. Платформата содржи и примери што, каде и како да се пријави и поднесе претставка, иницијатива, барање или жалба, но и што откако ќе се пријави, кои се чекорите што понатаму може да се преземат.

На платформата, граѓаните исто така можат и директно да пријават корупција и да добијат информации за активно дејствување.

Според Татјана Чакулев од Иницијативата О2, идејата за платформата е сето што досега го научиле од оваа Иницијатива да биде ставено на едно место за да може што повеќе граѓани да се вклучат во активно следење и пријавување на нерегуларности.

Чакулев, меѓу другото, најави дека в понеделник до Собранието ќе поднесат предлог амандмани за измена на сегашниот Закон за урбанистичко планирање што ќе доведе до зголемена транспарентност и намален ризик од корупција.

„Информацискиот систем е-урбанизам сметаме дека треба да биде отворен за граѓаните да можат да ги следат отворено постапките. Друго, сметаме дека со менување на начинот на гласање на урбанистичките планови во Советите од сегашното просто, со двотретинско мнозинство ќе се намали ризикот од корупција“, изјави Чакулев.

Урбанистичкото планирање на ниво на Град Скопје, според Чакулев, треба да биде централизирано, а не секоја општина сама да носи планови и сѐ тоа да биде хаотично.

„Суштината на проблемите што ги имаме е што ДУП-овите се направени врз желбите на приватните инвеститори. Тие си ги плаќаат планерските куќи, тие ги цртаат плановите како што сакаат, и потоа партиски се гласат во советите. Кога ова би го правеле државни институции што ќе го прават планирањето многу од овие проблеми нема да ги има“, изјави Чакулев.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ