среда, 30 октомври 2024

Обвинителството поднесе обвинение против пет од 15 осомничени во случајот Грчец

По спроведената истрага отворена на почетокот на оваа година во случајот во јавноста познат како „Грчец“, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) денеска до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинителен акт против пет луѓе.

Објавено на

часот

Сподели

Како што наведува Обвинителството, тројца од обвинетите како припадници на организираната меѓународна криминална група извршиле кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори.

„Тие како припадници на организирана меѓународна криминална група, заедно со други лица од кои дел се осомничени во предметот и се недостапни на органите на прогонот, дел се починати, а дел веќе осудени, заеднички делувале, секој во својата улога на неовластена набавка, пренесување, држење, продажба и посредување во купопродажба. Во повеќе наврати во текот на 2020 година овие тројца обвинети биле инволвирани во неовластено купување на 15,005 килограми наркотична дрога – кокаин, нејзино пренесување и пуштање во промет во државава“, информираат од ОЈО ГОКК.

Според обвинението, меѓународната криминална група чии припадници се обвинетите, делувала од 14 јуни 2019 до 09 март 2021 година при што во повеќе наврати купувале кокаин од земјите од Јужна Америка, го организирале преносот на дрогата преку воден пат до европските земји. Неовластената продажба на дрогата која била наменета за неовластена продажба во Македонија од Белгија и од Албанија преку Косово ја договарал и организирал еден од осомничените во предметот кој е недостапен на полицијата, а кој е организатор на групата во Македонија.

Другите двајца се обвинети дека сториле кривични дела злосторничко здружување и убиство.

„Во временскиот период од декември 2019 до март 2021 година, осомничениот организатор на криминалната група кој е во бегство, заедно со уште едно лице недостапно на органите на прогонот и веќе двајца починати создале криминална група која имала за цел вршење на кривично дело убиство од одмазда и по порачка. Припадници на групата покрај веќе двајца починати станале и двајца осомничени во предметот – недостапни на органите на прогонот, како и двајцата обвинети. Организаторите на криминалната група подготвувале планови и носеле одлуки за тоа кој, кога, каде и на кој начин да биде лишен од живот. Одлуките ги спроведувале лично или преку припадниците на организираната криминална група, кои ги прифаќале и спроведувале, а договорите, налозите и упатствата биле пренесувани во непосредни контакти или преку енкриптирани телефони на кои била инсталирана апликацијата скај. Така, организаторите врз основа на претходни сознанија во кои биле цврсто убедени, дека едно лице наводно е учесник и предводник во престрелката во хотел Александар Палас во Скопје, каде со употреба на огнено оружје било пукано кон дел од членовите на групата, започнале да прават план за лишување од живот на лицето. Откако донеле одлука да го убијат ги ангажирале двајцата обвинети и уште едно сега починато лице, давајќи им налог да го следат неговото движење. По неколку неуспешни обиди на 5 март 2020 година, обвинетите и сега починатиот употребувајќи светлосни сигнални уреди – флешери го запреле возилото во кое се наоѓало лицето кое им било цел со уште три други лица и со употреба на автоматско оружје и пиштол го лишиле од живот , притоа убивајќи уште едно лице кое седело зад него“, информираат од ОЈО ГОКК.

Покрај обвинението, надлежниот обвинител достави и посебен предлог на обвинетите да им се продолжи мерката притвор заради постоење на можност обвинетите да се дадат во бегство или да го повторат делото.

„Наредбата за спроведување на истражна постапка беше донесена во јануари против 15 лица. За четири лица кои се недостапни на органите на прогонот, обвинителството преку Министерството за правда ги има преземено сите неопходни активности согласно Законот за меѓународна помош во кривична материја. Така, за две лица се доставени документи за екстрадиција до Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), за едно лице до Хрватска и за едно лице до шпанските власти. Постапките за екстрадиција се водат согласно процесните закони на државите во кои се наоѓаат осомничените лица и за нив истражната постапка ќе продолжи по нивното обезбедување, како и за останатите осомничени“, соопштија од ОЈО ГОКК.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ