вторник, 22 октомври 2024

ОБСЕ е спасена, констатира претседавачот Османи на крајот на Министерскиот самит во Скопје

Објавено на

часот

Сподели

„Ова е најголемиот политички настан на наше тло и овој состанок се случи во вонредно време, кога сме сведоци на постојани напади, на војна против Украина и човечкото страдања. На многу начини историјата се повторува. Предизвиците се и денес и утре. Овде на Балканот се двоумиме да ги наречеме работите историски, но овој Министерски совет веќе е наречен така. Руската агресија врз Украина ја доведе во прашање европската безбедносна архитектура, но исто така го доведе во прашање постоењето на самата Организација, затоа овој совет е револуционерен“, рече Османи.

На новинарско прашање дали имало пазарење со Русија во постигнувањето на договорите, Османи рече дека компромисот е во сржта на Организацијата и изрази задоволство, што во ваква „тешка година се донесени одлуки со едногласност“, при тоа подвлекувајќи дека нема пазарења со вредностите на Организацијата.

„Ние бевме гласни во осудувањето на руската воена агресија, но исто така го претворивме ОБСЕ во платформа за правна одговорност на Русија. Немаше тргување со принципите на Организацијата“, рече Османи.

Прашан да ја коментира изјавата на рускиот шеф на дипломатијата, Сергеј Лавров дека Западот е виновен за немирите на Балканот, Омани рече дека има сосема спротивставено мислење од тоа на Лавров. 

„Јас целосно не се согласувам со коментарите на Лавров. Не Западот, туку Русија е таа која го дестабилизира регионот преку латентни и видливи чекори и прокси играчи. Тие се обидоа во Северна Македонија за време на Референдумот за влез во НАТО во 2018 година, се обидоа на изборите во Црна Гора, во БиХ, како и во Србија, а со тоа и во Косово. Русија е причината за проблемите и нестабилноста во регионот, а решението е во членството во НАТО и ЕУ за сите земји.“, изјави тој.

На новинарско прашање дали за време на претседавањето со ОБСЕ ја посочил Србија за одговорна за територијални претензии кон Косово и поттикнување меѓуетнички тензии и нестабилност на Балканот, Османи ја повтори националната позиција како министер за надворешни работи на Македонија којашто, рече  тој, е недвосмислена. 

„Ја признавме Република Косово, бевме домаќини на дијалогот меѓу Косово и Србија во Охрид, од којшто произлезе Охридски договор којшто го сметаме за единствен начин да се оди напред чија цел е да се изнајде сеопфатен договор меѓу Србија и Косово за меѓусебно признавање, и тоа е нашата национална позиција и се уште ја нудиме нашата земја како земја-домаќин, имаме добри односи и со Србија и со Косово“, рече Османи.

„Како претседавач со ОБСЕ бев многу ангажиран во врска со Косово и Србија, Имаме теренски операции како во Приштина, така и во Белград, Имаме пет регионални канцеларии во сите заедници во Косово и ОБСЕ е респектирана меѓународна организација во Косово, како што е во Белград. Ги посетив двете земји за време на нашето претседавање. Предложив план од девет точки за деескалација на Северот на Косово“, истакна Османи. 

Мора да се фокусираме на ставање крај на војните и конфликтите, руската агресија врз Украина мора да запре, порача новиот претседавач со ОБСЕ, Јан Борг, министер за надворешни работи на Малта.

Борг истакна дека гласовите од сите 57 земји членки кои му ја укажаа довербата за нов претседавач, е доказ, како што рече, на заедничката заложба ОБСЕ да продолжи да ја зајакнува организацијата и да се осигура дека покрај сите предизвици со кои се соочуваат  земјите членки, организацијата ќе продолжи да работи.

„Како што го почнуваме нашето заедничко патување, ќе се посветиме на исполнување на нашите должности и одговорности во времето што претстои“, рече тој.

Борг очекува да работи, како што рече, рака под рака заедно со сите партнери и кажа дека ќе се обврзе да работи кон поттикнување на зајакнување на мултилатеризмот.

На завршната прес-конференција се обрати и генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Марија Шмид.

Таа посочи дека одлуките кои беа донесени од земјите-членки во Скопје ќе овозможат успешно продолжување на работата на Организацијата – овозможување стабилност, сигурност, човекови права и фундаменталната слобода на луѓето.

„Јас ќе ја сработам својата задача како генерална секретарка исто како и моите колеги од останатите три институции, бидејќи ова не е за нас, туку за луѓето. Ние сме тука да ја пренесеме целта на Организацијата. ОБСЕ денес е успешна организација. Предизвик е во моменталните услови да се најде заеднички јазик за секоја тема, но нашата Организација се темели на принципи и вредности речиси 50 години“, рече Шмид.

Како што посочи, целта на ОБСЕ не е само да се адресираат моменталните предизвици, туку да се повикаат сите учесници на одговорност. 

Таа се осврна и на мотото кое беше избрано оваа година – „Сѐ работи за луѓето“ и посочи дека истото е многу соодветно и одговара на работата која ја извршува ОБСЕ.

„Сѐ она што го работиме, дали е тоа работата во однос на спречување на корупција и организираниот криминал, мониторирање на изборите или зголемување на безбедноста, нешто што неуморно го работиме и ги адресираме овие проблеми до граѓаните, ние исто така се залагаме за безбедноста на жените новинарки, се загаламе за основните човекови права, и сето тоа е само за една цел, а тоа е поддршка на луѓето – и на мажите и на жените“, посочи Шмид.

На 30. Министерски совет на ОБСЕ беше избрано и старо-новото раководство на Организацијата. Така Хелга Шмид останува генералната секретарка на ОБСЕ, а на Каират Абдракхманов како висок комесар за национални малцинства и на Тереза Рибеиро како претставничката за слобода на медиуми им е продолжен мандатот. Матео Мекачи е реизбран на чело на ОДИХР. Според одлуката, Малта и официјално е новиот Претседавач со ОБСЕ за 2024 година.  

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ