„Примерот со одлуката за Украина го покажува единството во Европската Унија околу проширувањето. Ова единство недостигаше веќе некое време, но сега постои заложба и признание дека сега е моментот за тоа. Сметам дека истиот дух ќе преовлада и во однос на некои од пречките за секоја поединечна земја, вклучително и Северна Македонија, која презеде храбри чекори, го промени името и Уставот во еден наврат, сега се соочува со уште едно барање, но фокусот на европските политики и геополитиката е сите земји да бидат дел од ЕУ. И повторно, затоа се важни овие избори. Доколку луѓето продолжат по патот на кој се наоѓаат, јас сум уверен дека процесот ќе се движи напред во следните неколку години. Доколку се потрошат годините барајќи друг пат, тоа мислам дека ќе го успори напредокот на земјата кон Европа“, изјави О’Брајан во интервју за МИА.
Говорејќи за уставните измени и за извесноста дека тие нема да бидат донесени во актуелниот состав, но и ставот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека не прифаќа бугарски диктат и оти откако ќе дојде на власт ќе бара решение за евроинтеграциите, американскиот дипломат вели дека во претстојните процеси е особено важно сите да земат учество и да ги кажат своите ставови.
„Како што кажав во текот на мојата претходна посета во ноември, важно е да се прашаат кандидатите каков им е планот за во иднина. Има еден пат што е означен, тој е контроверзен, и секој граѓанин треба да донесе сопствена одлука. И постои пат што не е опишан и реално е прашањето дали воопшто постои или само претставува погоден начин за да се избегне да се каже дека всушност нема пат“, вели О’Брајан.
Во врска со посетата на лидерите на трите албански опозициски партии, кои се дел од Европскиот сојуз за промени, Африм Гаши, Билал Касами и Изет Меџити, на САД токму пред престојните избори, О’Брајан не даде конкретен одговор, но напомена дека колку е пофрагментиран политичкиот простор, толку понејасна ќе биде пораката.
„Сепак, ова е одлука што треба да ја донесат политичарите и граѓаните“, додаде О’Брајан.
За Планот за раст на Западен Балкан што беше претставен од Европската комисија кон крајот на минатата година како начин за поголема интеграција на регионот со ЕУ, О’Брајан смета дека Планот претставува огромна можност за регионот кој нуди пристап до единствениот пазар во замена за реформи и тие реформи треба да ја отворат економијата, треба да ѝ овозможат на Македонија да учествува во инвестициски проекти и економски активности во целиот регион.
За иницијативата Отворен Балкан, која ги вклучува Македонија, Албанија и Србија и дали таа го оправдува своето дејствување имајќи предвид дека во неа не се сите земји од регионот, американсиот дипломат смета дека сите програми – Отворен Балкан, мини-Шенген, Берлински процес – сите одат во иста насока, односно луѓето да можат да се движат, да работат, да тргуваат, да учествуваат во проекти низ целиот регион.
„Отворен Балкан е начин за спроведување на заложбите за соработка со секого, и затоа потребно е да се оди чекор по чекор сè додека сите се вклучат во него“, смета О’Брајан.
Прашан на што се должи тоа што иако Македонија направи отстапки, а ЕУ не испадна доследна во спроведувањето на ветувањата дека земјава ќе биде чекор поблиску до Унијата, О’Брајан вели дека важно е да се има влада која испорачува резултати за своите граѓани.
„Дискусијата околу Планот за развој со сите шест земји се фокусира на тоа како да се постигне ова. Тоа е добра пракса, потребно е време, и тоа предизвикува фрустрации кај луѓето кои сакаат брзи одговори. Патот кон ЕУ е бавен но се исплати, и ние знаеме дека ќе биде добар за граѓаните“, вели О’Брајан.
Прашан за тоа колку „црната листа“ на САД е излезно решение во борбата со корупцијата, О’Брајан вели дека тоа е само дел од решението.
„Важно е јавните добра да бидат достапни за сите, да има еднаква правда за сите, а не имунитет за некои и гонење на други, како и да нема фаворизирање при, на пример, доделување на тендери. Ова бара сосема нов пристап во многу владини процеси и изискува време. И во мојата земја беше потребно многу време за ова, но веќе сите ги гледаме реалните придобивки од водењето на такви политики. Санкциите и црните листи се само еден дел, но истите се ефективни само ако станат дел од поширока промена во системот“, вели во интервју за МИА, американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија Џејмс О’Брајан.