Во објава на Фејсбук, милијардерот Џеј Блум ги сподели пораките што ги разменил со извршниот директор на Оушнгејт, Стоктон Раш, кој тврдел дека патувањето „ќе биде побезбедно од нуркањето“.
Блум вели дека ги одбил билетите со попуст од 150.000 долари што ги понудил Оушнгејт нему и на неговиот син затоа што патувањето не се вклопувало во неговиот распоред, а рече и дека неговиот син бил загрижен за безбедноста.
Една од пораките на Раш, кој загина кога Титан имплодира на пат кон потонатиот брод Титаник, вели: „Иако очигледно постои ризик, ова е многу побезбедно од летање со хеликоптер или нуркање со боци кислород. За 35 години употреба на подморници што не се воени нема ниеден повреден“.
Блум вели дека Раш „верувал во тоа што го зборувал, но комплетно грешел“. Тој додава дека последен пат го видел шефот на Оушнгејт во март, кога, тврди Блум, „Раш бил апсолутно убеден дека нуркањето до Титаник е побезбедно од преминување улица“.
„Му кажав дека поради нашиот распоред не можеме да одиме до следната година“, напиша Блум. Во претходна објава, пред да се пронајдат остатоците од Титан, Блум на Фејсбук напиша: „Ова е лудо… Ме поканија да одам на ова нуркање. Ако прифатев, ќе бев еден од луѓето што сега се во подморницата.“
Пет лица на исчезнатата подморница Титан загинаа во „катастрофална имплозија“, изјави вчера официјален претставник на крајбрежната стража, завршувајќи ја масовната потрага по бродот изгубен на неговото патување до Титаник.
Подводен робот без екипаж испратен од канадски брод вчераутро ги откри остатоците од подморницата на околу 488 метри од лакот на стогодишната урнатина, 4 км под површината, изјави контраадмиралот на американската крајбрежна стража Џон Маугер на прес-конференција.
„Остатоците одговараат на последиците од катастрофално губење на комората за притисок“, рече Маугер.
Во имплозијата на подморницата загинаа пет патници – милијардерот Хамиш Хардинг, пакистанскиот бизнисмен Шахзада Давуд и неговиот син Сулеман, францускиот океанограф и експерт за Титаник Пол-Анри Наргеолет и Стоктон Раш, основачот на Оушнгејт.