петок, 1 ноември 2024

Њујорк тајмс: Висок руски генерал знаел за плановите на Пригожин за бунт

Објавено на

часот

Сподели

Њујорк тајмс се повикува на американски претставници запознаени со американските разузнавачки податоци за бунтот на Пригожин и наведува дека официјалните лица „се обидувале да откријат дали генералот Сергеј Суровикин, поранешниот врховен руски командант во Украина, помогнал во планирањето на акциите на Пригожин минатиот викенд“.

Пригожин во вторникот замина во егзил во Белорусија според договорот со кој заврши краткиот бунт на борците на Вагнер во текот на викендот, додека претседателот Владимир Путин ги пофали своите вооружени сили дека избегнале граѓанска војна.

Генералот Суровикин е почитуван воен лидер, кој помогна да се зајакне одбраната преку борбените линии по контраофанзивата на Украина минатата година, велат аналитичарите. Тој беше сменет како главен командант во јануари, но го задржа влијанието во воените операции и останува популарен меѓу војниците.

Њујорк тајмс објави дека американските власти, исто така, рекле дека има знаци дека и други руски генерали можеби го поддржувале Пригожин. Сегашни и поранешни американски функционери велат дека Пригожин немало да го покрене својот бунт доколку не верувал дека други луѓе на моќни позиции ќе му помогнат.

Путин сега мора да одлучи, велат официјалните лица, дали верува дека генералот Суровикин му помогнал на Пригожин и како да одговори на тоа.

Некои поранешни функционери велат дека Путин би можел да одлучи да го задржи генералот Суровикин ако заклучи дека знаел што планирал Пригожин, но не му помогнал. Засега, велат аналитичарите, се чини дека Путин има намера за бунтот да го обвини само Пригожин.

„Путин не сака да ги менува луѓето“, рече Александар Баунов, виш соработник во Центарот Карнеги Русија Евроазија. „Но ако тајната служба стави фајлови на масата на Путин и ако некои од нив го вмешуваат Суровикин, тоа може да се промени“.

Суровикин ја водеше војската до октомври, а потоа Шојгу го отстрани

Суровикин, кого руските медиуми го нарекоа „генералот Армагедон“, беше поставен на чело на операциите во Украина во октомври, но во јануари рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу го назначи началникот на Генералштабот Валери Герасимов да ја надгледува кампањата, а Суровикин стана негов заменик.

Пред да почне бунтот, Пригожин беснееше и против Шојгу и Герасимов, обвинувајќи ги за неуспехот на кампањата и недостигот од поддршка на војската за борците на Вагнер.

Суровикин ја повика групата на Вагнер да се откаже од својот бунт против военото раководство и да се врати во своите бази непосредно пред Пригожин да ги поведе борците на таканаречениот „марш за правда“ кон Москва.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ