Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека Агенцијата за национална безбедност не се политизира и дека на новоименуваниот директор Бојан Христовски му била нанесена неправда во минатото. Tаа грешка, вели, е исправена и сега тој има безбедносен сертификат.
Според Мицкоски, кога се трансформирала Управата за безбедност и контраразузнавање во Агенција за национална безбедност (АНБ), и кога се правела селекција, „имало поранешни високи структури од Агенцијата за разузнавање, и во Управата за безбедност и контраразузнавање и АНБ коишто ги профилирале луѓето. И врз основа на тие профилирања гледале како да им наштетат, преку лажни вести и клеветнички дописи, злоупотребувајќи ги институциите во коишто работат“.
„И нормално, преку таа неправда што му беше нанесена на Бојан Христовски, во прво време не му беше издаден таков безбедносен сертификат. Беше констатирана злоупотребата на дел од раководството, пред сè на АНБ. Затоа во периодот што следува, јавноста ќе биде запознаена за многу работи, а богами и за АНБ – како се злоупотребувало за партиски и лични цели. Тогаш, откако тоа се констатираше, таа грешка се исправи. Бојан Христовски има безбедносен сертификат и апсолутно не гледам причина зошто човек што го поминува речиси целиот свој работен век во безбедносниот сектор, да не ја извршува успешно челната позиција во АНБ,“ рече Мицкоски.
Христовски има долгогодишно искуство во безбедносните институции. Кратко време бил директор на градското претпријатие „Паркинзи Скопје“, а на директорската позиција доаѓа од Министерството за внатрешни работи.
Од СДСМ денеска реагираа дека со назначувањето на Христовски за директор на АНБ, „власта на Мицкоски и ДПМНЕ спроведуваат опасна партизација на Агенцијата и на клучните безбедносни институции“.
„Нов директор на Агенцијата за национална безбедност е всушност претседателот на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е спротивно на Законот за АНБ кој јасно предвидува дека директорот на Агенцијата не смее да биде член на политичка партија, или нејзин орган. Целта на овие законски одредби е да се избегне злоупотребата на безбедносните служби за партиски цели, како што тоа се случуваше во минатото. Со поставувањето на лице кое само до 2023 година беше претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, оваа партија директно го прекршува член 10 од Законот за АНБ“, изјави на прес-конференција пратеникот Миле Талески.
Според него, дури и формално да се повлекол од партијата, фактот дека до неодамна извршувал висока партиска функција е јасен показател дека ова решение е чисто партиско, непрофесионално и спротивно на законот и на меѓународните стандарди, особено оние на НАТО.