понеделник, 28 октомври 2024

Новинарка што го интервјуираше Бајден поднесе оставка – поставувала договорени прашања

Радиоводителката од Филаделфија што го интервјуираше претседателот Џо Бајден на 3 јули поднесе оставка откако поставувала прашања што ѝ ги дал неговиот тим.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Андреа Лофул Сендерс, која ја води емисијата „Изворот“ (The Source) на локалната радиостаница ВУРД, му поставила на Бајден четири такви прашања во интервјуто што го даде по првата претседателска дебата.

ВУРД, единствената радиостаница во Пенсилванија во сопственост на црнци, рече дека интервјуто било уредено и договорено без знаење или консултација со раководството, пренесува Гласот на Америка.

Во изјавата, претседателката на ВУРД, Сара М. Лумакс, рече дека прашањата поднесени од тимот за предизборната кампања „ја прекршуваат нашата практика да останеме независен медиум“.

Лумакс рече и дека ВУРД и Лофул Сендерс „заемно се договориле“ да се разделат, се вели во соопштението.

„Како единствена независна радиостаница во Пенсилванија во сопственост на црнци, ВУРД радио ја негува довербата на нашата публика веќе 20 години. Ова е нешто што го сфаќаме многу сериозно. Согласувањето на однапред даден дел прашања ја загрозува таа доверба и не е практика на радиото ВУРД“, рече Лумакс.

Во интервју за американските медиуми, Лофул Сендерс рече дека тимот на Бајден ѝ испратил осум прашања, од кои таа четири поставила. Друг радиоводител, кој исто така го интервјуираше Бајден во Милвоки, рече дека и нему му биле давани прашања пред интервјуто, па затоа не можел да прашува сè што сака.

Портпаролот на кампањата на Бајден изјави за медиумите дека не е невообичаено за нив да споделуваат теми за разговор и дека Лофул Сендерс можела слободно да поставува други прашања.

„Ние не условуваме интервјуа со прифаќање на нашите прашања, а новинарите секогаш се слободни да поставуваат прашања за кои сметаат дека ќе ѝ дадат најдобри информации на нивната публика“, рече портпаролот на кампањата.

Асошиејтед прес објави дека лице запознаено со начинот на кој кампањата на Бајден ги закажува интервјуата рекло дека тимот планира да престане да им нуди предлог-прашања на новинарите.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ