четврток, 24 октомври 2024

Новата британска влада: Велика Британија е банкрот

Британската влада, пред утрешната проценка на состојбата на јавните финансии, соопшти дека земјата е „банкрот и дефект“, јавува Ројтерс и додава дека новоизбраната Лабуристичка партија ќе го искористи тој извештај за да ги обвини своите претходници за недостигот од 20 милијарди фунти (23,6 милијарди евра).

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Избрани да ја водат шестата најголема западна економија со уверлива изборна победа на 4 јули, лабуристите поголем дел од времето во трите недели на власт потрошија на убедување на јавноста дека состојбата е полоша од што се мисли во речиси секоја област на јавните политики.

Министерката за финансии Рејчел Ривс ќе ги изнесе резултатите од фискалната ревизија во парламентот и ќе ја обвини Конзервативната партија, која ја предводеше земјата во последните 14 години, дека во обид да обезбедат поддршка од јавноста ги потрошиле парите за ветувања кои не можеле да бидат финансирани и дека земјата останала „без скршена пара“.

„Проценката ќе покаже дека Британија е банкрот и дефект, ќе се открие хаосот кој популистичката политика го направила од економијата и јавните служби“, соопшти кабинетот на премиерот Кир Стармер. Исто така ќе се покаже, се додава, дека претходната влада презела на себе некои финансиски обврски за оваа фискална година не прашувајќи се притоа од каде ќе најде пари.

Конзервативците ги отфрлаат обвинувањата на лабуристите за „црната дупка“ во јавните финансии како измислен изговор за зголемување на даноците и истакнуваат дека за тоа не кажале ни збор за време на изборната кампања. И некои економски експерти изразуваат скепса и тврдат дека има многу малку големи изненадувања кои лабуристите не можеле да ги предвидат пред преземањето на власта.

Ривс утре треба да го објави и датумот на својот прв буџет. Се очекува да се согласи на зголемување на платите на наставниците и здравствените работници. Таа е и под притисок да ги исполни ветувањата и да не ги крева даноците на доход, данокот на додадена вредност и корпоративниот данок.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ