петок, 18 октомври 2024

Нова наставна програма ќе има, ама не од оваа учебна година, најавува Јаневска

Во учебната 2024-2025 година седмоодделенците ќе учат по истата наставна програма по која учеа и тие во 2023-2024 затоа што се одложува концепцијата за последната третина од основното образование (седмо, осмо и деветто одделение). Наместо споени предмети, како што предвидуваше наставната програма по новата концепција, одвоени ќе бидат предметите Историја, Географија, Етика, Граѓанско општество, изјави вечерва министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

Објавено на

часот

Сподели

„Поради огромно незадоволство и жалби на родители и наставници дека не им блиска концепцијата и како се применува, одлучивме дека дел од концепцијата треба да се промени и одлучивме да го задржиме она што наставниците и учениците сметаат дека е добро, а да направиме измени каде што сметаме дека не  е добро, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска во гостување на Телма.

Ќе останат изборните предмети од кои има задоволство, рече, како што е на пример Медиумска писменост. Рече дека преодот од шесто во седмо нема да предизвика „дупки во знаењето“ и пропуштени резултати во учењето и на состаноци со Бирото за развој на образованието (БРО) ја утврдиле целта да не се направи штета на децата односно да се овозможи континуитет во учењето.

„Со БРО утврдивме дека нема значителни разлики во наставана програма по која ќе учат. Оваа година ќе ја поминеме така, следната година БРО почнува со нова наставна програма која се базира на забелешки на наставниците  и родителите, за што на сајтот на Министерството за образование  и наука (МОН) е отворена јавна расправа за тоа што не им се допаѓа или сметаат дека предизвикува тешкотии, за од септември да можеме да правиме програма што ќе дава резултати“, рече Јаневска.

Континуирано ќе има, рече таа, и програма за осмо одделение со јавна расправа, а потоа и за деветто одделение.

„И тоа да го оставиме десет години за да ги видиме резултатите од тоа што се имплементира“, додаде Јаневска.

Притоа соопшти дека на денот на преземање на функцијата ниту еден учебник за седмо одделение по новата концепција не бил даден на печатење иако МОН соопштувало дека сите учебници ќе стигнат на 1 септември.

За дигитализацијата на учебниците рече ќе продолжи „но тоа ќе биде добро испланирано“. За дигитални учебници од прво до трето одделение ќе се консултираат стручни лица зашто се работи за мали деца на кои, рече таа, треба да им се развива моториката, нивната концентрација да пишуваат и читаат, а за горните одделенија ќе зависи од буџетските можности.

Во однос на планот за оптимизација на училиштата рече дека се предвидува затворање на подрачни училишта во кои има по неколку ученици и тие да се префрлат во централни училишта.

Јаневска најави реевалуација на високообразовните установи во државава и соопшти дека ќе се постапи по секоја пријава за немање стандарди за дејноста за која тие се акредитирани.

„Ќе постапиме по секоја пријава, ќе има реевалуација и секој што исполнува услови – со среќа, секој што не исполнува услови, ќе мора да се помири со судбината“, рече министерката.

Како што рече, ќе се отвори дискусија дали на државава и се потребни 20 факултети по правни науки или пет факултети по медицина.

Според неа, намерата да се отвори  факултет во секој град иако била добра, се претворила во својата спротивност и влијаела на намалување на квалитетот на високото образование.

Таа најави и ревизија за работата на некои основни училишта.

„Има училишта само за седум или 15 деца. Тие деца се изолирани, живеат во своето село. Немаат контакт со другарчињата во градот и за да се социјализираат и имаат компетитивна средина треба да се префрлат во централни училишта каде наставата ќе биде поорганизирана, со подобра опрема и услови… Имаме училишта кои се на два до пет километри до овие училишта, а имаат паралелки со по две деца, во прво, во второ одделение, или мешани паралелки со деца од различни одделенија што не треба да постои и не е во ред ако сакаме подобар квалитет на образование“, рече Јаневска.

Анализата на МОН ќе покаже и во кои училишта може да се спроведе планот за работа во една смена. Како што рече, некои имаат услови за едносменска настава, а работат во две смени. Од анализата ќе се знае дали и каде треба да се доградат простории, притоа посочувајќи дека во општина Аеродром има училиште што работи во три смени што, рече, е недозволиво.

Се работи и на нова формула за распределба на средства и соодветно решение на финансирање на општините во образованието коишто блок-дотациите од МОН сега ги  користат само за плати.

Јаневска посочи дека „премиерот најави поголема сума за развој на општините“, но и ги пофали директорите на училиштата кои сами се залагаат за подобри услови во училиштата, а „не чекаат се од државата“.

Се осврна и на идејата за документ – стратегија или декларација која ќе ја одреди насоката на образовниот систем и нема да зависи од секој следен министер и за која ќе има консензус од сите политички субјекти.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ