понеделник, 25 ноември 2024

Нова грејна сезона, стари маки за РЕК Битола

РЕК Битола е најголемиот енергетски капацитет во Македонија, кој произведува во просек од 45 до 50 проценти од струјата во земјата. Но тој сега работи со намален капацитет, односно во функција се само два од трите блока (Блок 2 и Блок 3), а Блок 1 поради ненаправен навремен ремонт нема да работи. Дополнителен проблем е што јагленот што се користи за производство на струја не бил со потребниот квалитет, како што тврди новото раководство на комбинатот. Ако на ова се додадат и финансиските проблеми и долгот од 60 милиони евра, тогаш РЕК Битола е соочен со речиси најголемиот предизвик од отворањето во 1982 година.

Објавено на

часот

Сподели

Термоелектричната централа (ТЕЦ) Битола е најголемиот енергетски капацитет за производство на струја и јаглен во Македонија и е составен дел од Рударско-енергетскиот комбинат (РЕК) Битола. Производството на струја го овозможуваат три блока, чија моќност со реконструкцијата во 1994 година е зголемена за дополнителни 15 мегавати по блок или за вкупно 45 мегавати нова моќност. Инаку, РЕК Битола како најголем енергетски капацитет во државата произведува во просек од 45 до 50 проценти од струјата во Македонија, а работата на комбинатот зависи исклучиво од употребата на јагленот.

Дотраеноста и неквалитетниот јаглен причини за хавариите на блоковите

Производството во комбинатот започнало во 1980 година со ископ на јаловина, а првите киловат-часови електрична енергија биле произведени во 1982 година, кога во функција бил пуштен првиот од трите блока на електраната, што значи дека РЕК Битола работи повеќе од 40 години, а трите блока се пред крајот на работниот век. Токму дотраеноста е една од причините за честите хаварии на блоковите. Стана речиси секојдневна практика најмалку еден од трите блока на комбинатот да биде надвор од употреба.

Директорот на РЕК Битола, Зоран Коњановски, вели дека причина за хавариите е и увозот на јаглен „со катастрофален квалитет во изминативе години, поради што ЕСМ издвојувало милионски суми за санации“.

„Јагленот е од наслаги извадени од третиот блок на РЕК, настанати од несоодветен увезен битуменозен јаглен, кој ја оштетил технологијата на комбинатот. Овие наслаги достигнале до 13 метри и нивното отстранување траело три месеци, користејќи минирање и рударска опрема, при што се загрозила и стабилноста на блокот“, изјави Коњановски на почетокот на октомври, при последната организирана посета на медиумите во РЕК Битола.

Враќањето во функција чини пари, а РЕК Битола редовно троши милиони евра на ремонт на блоковите. Само за работна рака за ремонт овој најголем енергетски производствен комбинат во Македонија оваа година ќе потроши околу 15 милиони евра, иако РЕК Битола има свои стручњаци за поправка на блоковите на електраната. За нецел месец, помеѓу 15 и 29 јули 2024 година, РЕК Битола склучи 51 договор со Електрани на Македонија (ЕСМ), покажуваат податоците од Бирото за јавни набавки (БЈН).

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, тврди дека новите раководства на ЕСМ и на РЕК Битола затекнале тешка состојба во комбинатот.

„Еден блок од термоелектраните, односно ТЕ Битола 1, воопшто не бил ремонтиран, а веќе влеговме во грејна сезона. Таа постројка според оперативниот план, требало да подложи на ремонтни зафати во март годинава, односно веднаш по завршувањето на претходната грејна сезона, но тоа не било реализирано. Колку што е можно, во техничко-технолошка смисла, стручните екипи на ЕСМ и на РЕК Битола го подготвија овој капацитет да му биде на располагање на електроенергетскиот систем во текот на зимата и повремено да се вклучува во електроенергетската мрежа“, вели Божиновска.

И покрај ова, министерката уверува дека РЕК Битола во моментов работи според енергетскиот биланс за овој период, со два блока. Во претстојните месеци, доколку е потребно, вели таа, во план е да се активира и третиот блок.

Таа очекува стабилна грејна сезона, и покрај затекнатите проблеми во комбинатот.

„Капацитетите на РЕК Битола не се во најдобра кондиција и не можеме да сметаме на сите три блока, тоа го наследивме и свесни сме дека е од 1984 година. Затоа ќе направиме струја за четвртиот квартал и евентуално за првите три месеци од 2025 година“, вели Божиновска.

РЕК Битола нема доволно јаглен за работа, увозот ќе мора да продолжи

Нема доволно откривки на јаглен од кои може да се обезбеди континуиран ископ за потребите на термоблоковите за работата на РЕК Битола. Од домашното производство засега може да се обезбеди само работа на еден блок и нешто малку повеќе, а за да работат и другите, ќе мора да продолжи увозот од Грција, покажува сеопфатната анализа на состојбите во рударско-енергетскиот комбинат што ја спроведоа новите раководства на ЕСМ и РЕК Битола.

„Во рудниците Суводол и Брод-Гнеотино состојбата е доста лоша. Од Суводол можат дневно да се експлоатираат околу 4.000 тони јаглен и 2.500 до 3.000 тони од Брод-Гнеотино. Тоа значи околу 7.000 тони јаглен, што е доволно за работата на еден блок и нешто малку да остане. Другото ќе го увезуваме за да има доволно РЕК да работи со два блока. Ќе биде според еколошките потреби и нема да дозволиме да се увезува јаглен со повеќе од еден процент сулфур во него. За да работат трите блока, потребни се 18.000 тони јаглен дневно“, изјави директорот на производството во ЕСМ, Зоран Коњановски.

Со кредит државата ќе го спасува РЕК Битола од финансиски колапс

Освен дотраеноста на трите блока и недостигот од јаглен, РЕК Битола мака мачи и со парите.

Моменталниот долг на комбинатот е 80 милиони евра. Само за увезениот јаглен долгот е 25 милиони евра, а над 30 милиони евра отпаѓаат за ископ на јагленот. Секоја година од комбинатот се одлеваат стотици милиони евра за ископ, кои завршуваат во рацете на приватни компании, наместо ископот да го врши РЕК Битола со своја механизација.

Новото раководство ја затекна ЕСМ во очајна состојба, со намалено производство на електрична енергија и долг од 80 милиони евра. Со професионален корпоративен пристап, новиот менаџерски тим презеде мерки за намалување на тековните и непродуктивните трошоци, зголемување на производството на електрична енергија и овозможување на зголемен приход и иден профит, велат за МКД.мк од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС).

„Во исто време се обезбеди синдициран кредит од деловните банки под поволни пазарни услови за намирување на доспеаните обврски и подобрување на ликвидносната положба на компанијата, со што таа ќе се управува на стабилна и одржлива патека. Кредитот е на 10 години со вклучен грејс-период од две години по поволни пазарни услови. Со овој кредит и рок на исплата, ЕСМ ќе си овозможи простор за финансиско консолидирање и преструктурирање, а преку идното зголемено производство на струја и намалените трошоци ќе си овозможи профит за навремено да ги намирува своите идни обврски по сите основи, вклучувајќи ги и финансиските заеми. Преку консолидација, ова акционерско друштво во државна сопственост ќе креира терен за да почне инвестициски циклус во енергетски проекти, во соработка со меѓународни финансиски институции, како и преку средства што би ги добила земјава со чекорите кон зеленото сценарио. Тие капитални проекти ќе бидат додадена вредност за ЕСМ и за домашниот електроенергетски систем“, велат од Министерството за енергетика.

Оттаму потенцираат дека со цел да се стабилизира состојбата, новото раководство на ЕСМ започнало со реорганизација и развој на конкретен план за економско и оперативно обновување на претпријатието, со цел да го врати РЕК Битола на старите патеки на успехот.

„Долгорочно се очекува одржлив економски раст и реорганизација на компанијата. Во моментов, на депонијата на РЕК Битола има околу 200.000 тони резерви од јаглен, главно од рудниците Суводол и Брод – Гнеотино. Дополнителни количества се обезбедуваат и од Грција, согласно со договорот од март оваа година. Важно е да се истакне дека новото раководство на ЕСМ успеа да испреговара пониска цена на увозен јаглен, што значително ќе ја намали финансиската тежина и ќе заштеди околу три милиони евра, средства што ќе се реинвестираат во други капитални проекти“, велат од МЕРМС.

Административниот капацитет за справување со енергетската политика, стратегиското планирање и инвестициите во енергетскиот сектор остануваат во голема мера недоволни, се наведува во Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава во 2024 година.

„Домашното производство на електрична енергија учествува со 97,25 отсто во бруто-потрошувачката на електрична енергија, додека само 2,75 отсто се обезбедуваат од увоз. Што се однесува до безбедноста на снабдувањето, земјата останува значително зависна од јаглен. И термоелектраните Битола и Осломеј продолжуваат да работат на јаглен од ограничени домашни ресурси и увоз. Загубите на мрежата од 13,8 отсто остануваат високи според меѓународните стандарди како резултат на техничките и комерцијалните загуби во дистрибутивната мрежа. Залихите на нафта за итни случаи одговараат на просечни најмалку 58 дена, што е под обврската од 90 дена дневен нето-увоз“, се посочува во Извештајот.

Во Извештајот уште се посочува дека операторот на електропреносниот систем МЕПСО и компанијата за производство на електрична енергија ЕСМ треба повеќе да се фокусираат на дигитализацијата, транспарентноста на јавните набавки и другите процедури за планирање на активностите и инвестициите.

Искра Опетческа

                                                   (продолжува)

Со овој текст, МКД.мк се приклучува во иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од британската амбасада.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ