Вардар уште еднаш ги разочара своите навивачи, фудбалерите одиграа анемично, со киксови во одбраната и без идеја во нападот. Струга си замина со трите бода и со четири дадени гола.
Резултатот беше отворен уште во третата минута кога Гачевски киксираше, а Влајковиќ даде гол за водство на Струга од 1-0.
По една акција на Вардар какви што ретко имаше, во 28. минута, Босанчиќ изедначи на 1-1. Но нерешениот резултат не траеше долго, во 42. минута Компаоре го врати водството на Струга.
Истиот играч во 66. минута зголеми на 3-1, а конечните 4-1 за гостинскиот тим беа дело на Кехинде на 15 минути до крајот.
Во текот на натпреварот навивачите на Вардар скандираа против управата барајќи промена во раководството, а на мета беше и голманот Гачевски кој беше навредуван.
Работнички со голови на Регба и Мазари со 2-0 победи на гостувањето кај Воска и се качи на врвот во ПМФЛ.
Шкендија одигра 0-0 на гостувањето кај Силекс, домаќините можеа и да дојдат до трите бода бидејќи гостите го завршија мечот со девет фудбалери, добија два црвени картони.
Гостивар со гол на Ивановски во 61. минута водеше со 1-0 против Беса, но гостите по една контра во 84. минута го изедначија резултатот на 1-1.
Шкупи со 3-1 ја совлада Брера. Едмундсон, Канда и Ајетовиќ беа стрелци за чаирскиот тим, Ивковиќ погоди за Брера.
Мрежите мируваа на мечот во Битола меѓу Пелистер и Тиквеш.
Резултати 9. коло:
Вардар – Струга 1-4
Воска – Работнички 0-2
Силекс – Шкендија 0-0
Гостивар – Беса 1-1
Шкупи – Брера 3-1
Пелистер – Тиквеш 0-0
Табела: Работнички 19, Шкендија 18, Гостивар 17, Струга 15, Силекс 14, Шкупи 12, Брера 11, Пелистер 10, Беса 9, Тиквеш 7, Вардар 7, Воска 5.