„Ваквиот начин на флагрантно и директно мешање во политиката во Македонија нема за цел спречување на корупцијата или пак декларативно владеење на правото. И покрај црната листа на САД, корупцијата ќе цвета, судскиот систем и понатаму ќе служи на тесно партиските интереси, а вработувањата во држаната администрација ќе бидат поткупниот влог за да се добијат изборните гласови.
Имајќи предвид дека живееме во загаден политички амбиент, претпоставка е дека секој политички функционер кој е на официјална функција има сторено корумпиран акт или акти од потежок или полесен карактер. Во вакви услови, секое ставање на функционери на црната листа на САД е само беден избор на подобни и неподобни корумпирани политичари со кои САД ќе соработува или не. Црната листа на САД не е подложна на никаков правен праведен процес во кој лицата кои се поставени на истата имаат фер третман и можат да се бранат со аргументи. Листата е правена по таен, нетранспарентен и недемократски административен процес со критериуми непознати на јавноста. Ова е спротивно на секое транспарентно демократско владеење на правото и правдината.
Во последните две серии на именување лица кои се на црната листа, повеќето се Македонци и има само еден Албанец. Небаре албанските политичари во Македонија се кристално чисти пред законот. Барем да го почитуваа Охридскиот договор, кој силно го поддржуваа, и да се придржуваа кон формулата 25%. Пристрасноста на САД околу националностите кои се најдоа на последните црни листи е очигледна.
Ние се залагаме за целосно владеење на правото за секој граѓанин без исклучок и сметаме дека ни требаат суштински, длабоки и темелни реформи кои ќе резултираат во градење на практично и вистинско еднакво општество за сите. Во таа насока, цениме дека решенијата за независни институции во судството, ЈО, државната администрација и Уставниот суд кои се содржани во научната студија на професорот Лабовиќ, се добра основа за менување на Уставот на државата, а притоа и да се врати името Република Македонија“, соопшти Нов АСНОМ.