вторник, 22 октомври 2024

Нобеловката Наргес Мохамади: Иранците ќе ја победат авторитарната влада

Иранскиот народ на крајот ќе го надмине авторитаризмот наметнат од владата која го загуби и легитимитетот и јавната поддршка, порача од затвор Наргес Мохамади, добитничката на овогодинешната Нобелова награда за мир, во својот говор што нејзините деца го прочитаа денеска во Осло.

Објавено на

часот

Сподели

Во октомври, норвешкиот одбор за Нобелова награда ѝ ја додели наградата за мир на Наргес Мохамади (51), за нејзината ненасилна борба „против угнетувањето на жените во Иран“ и за промовирањето на човековите права за сите, што е многу јасна порака до теократските лидери во Техеран.

Нејзините деца, 17-годишните близнаци Киана и Али Рахман, денеска ја примија наградата, златен медал и диплома на свеченоста што се одржа во Градското собрание во Осло, на која присуствуваа неколку стотици гости. Паричниот дел од наградата изнесува 11 милиони шведски круни или нешто помалку од милион евра.

Во говорот што го напиша во озлогласениот ирански затвор Евин, Мохамади вели дека континуираниот отпор и ненасилството се најдобра стратегија за постигнување промени. „Иранскиот народ ќе ја надмине репресијата и авторитаризмот со својата истрајност. Не се сомневајте, бидејќи тоа е сигурно“, порача таа во својот говор.

Застапничката за правата на жените издржува повеќекратна казна. Против неа се подигнати бројни обвиненија, вклучително и обвинение во кое се товари за ширење пропаганда против Исламската Република, откако последен пат беше уапсена во ноември 2021 година.

„Ја пишувам оваа порака од зад високи, студени затворски ѕидови“, се вели во писмото на Мохамади. Меѓу другото, таа пишува дека нејзиниот живот и животот на бројни активисти во Иран биле и остануваат континуирана борба „да се остане жив“.

Храбрата активистка на сцената во Осло е симболично претставена со портрет и празно столче. Неколку лауреати досега на сличен начин биле спречени да присуствуваат на церемонијата од почетокот на доделувањето на наградите во 1901 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ