Докази за таков интерес се наоѓаат во архивите од светскиот печат, зачувани и достапни во документацијата на постојните македонски научни институции, како Институтот за национална историја на Македонија. Еден таков „артефакт“, објавен во „Њујорк тајмс“ на 18 февруари 1962 година, пронајден е неодамна во документацијата за обработка на ИНИ. Текстот во „Њујорк тајмс“, се однесува на издавањето на првиот том на Речникот на македонски јазик во 1961 година, за кој дописникот на американскиот весник од Белград вели дека очекува да “доведе до судрување помеѓу југословенските и соседните земји, Грција и Бугарија“. Преводот на текстот на „Њујорк тајмс“ е направан, веднаш по неговото објавување, според тогашната стандардизација на македонскиот јазик. Во содржината на текстот за предизвикот на затегнување на односите на тогашна Југославија со соседните Бугарија и Грција, што може да ги предизвика објавувањето на Речникот на македонски јазик, може да се препознаат „аргументите“ што и денес ги користат Грција и Бугарија за попречување на актуелниот процес на интегрирање на Македонија во ЕУ.
Ј.П.
„ Њујорк тајмс, Белград, 18 февруари 1962
Југословенските филолози го издадоа првиот том на македонскиот речник, настан што се очекуваше да предизвика политички реакции на Балканот. Речникот е за првпат издаден на македонски јазик, еден од славјанските јазици, на кој до пред 15 години само усмено се зборуваше. Сега тој јазик е официелниот јазик на население од 1.500.000 жители на југословенска Македонија.
Составувањето на речникот беше помогнато од страна на југословенската комунистичка влада. Режимот на Југославија ги признава Македонците како посебна националност и го овозможува развитокот на нивниот јазик и култура.
Тоа доведе до судрување помеѓу југословенските и соседните земји Грција и Бугарија. Во обете земји живеат Македонци, меѓутоа, и Атина, и Софија откажуваат да го признаат постоењето на македонската нација.
За Грците, Македонците во Грција, чиј број изнесува меѓу 40-100.000 , според некои пресметки, просто се Славофони Грци. Бугарите, од друга страна, сметаат дека Македонците во Југославија и во Грција и оние кои се родени во Југославија, во суштина се Бугари.
Софија тврди дека македонскиот дијалект е сличен на бугарскиот јазик и дека тој не може да се смета како посебен јазик. Со оглед на ваквите сфаќања, сигурно е дека новиот речник ќе предизвика негодување кај официелните бугарски кругови.
Бившиот југословенски кралски режим, Македонците ги третираше како Срби и српскиот јазик беше официелниот јазик на ова подрачје. Една од првите акции на југословенските комунисти, кога тие дојдоа на власт по Втората светска војна, беше прогласувањето на Македонците како посебна нација.
Тогаш почнува развитокот на писмениот јазик, врз основа на зборовите кои беа запазени низ долги векови и оттогаш продолжува.
Во 1945 година беше печатен првиот македонски буквар. Во 1952 година се издаде првата граматика.
Речникот беше потешка работа. Стариот јазик на населението им служеше за обичните потреби на селаните, но на тој јазик не му достигаа зборови потребни на еден современ литературен јазик. Авторите на речникот беа принудени да создадат зборови за голем број појмови за науката, просветата, литературата и јавните служби. Старите народни изрази, каде тоа беше возможно, беа ‘истанчени’. Нови зборови се внесуваа од другите јазици само тогаш кога тие не постоеја во македонскиот јазик“, пишува „Њујорк тајмс“ во 1962 година .