„Тоа е битката што позади завесата се случува во моментов. Доколку оваа битка се реализира, Македонија ќе стане слепо црево на Балканот. И затоа се нервозни, затоа што ние им ја разбиваме таа стратегија, со тоа што ставаме фокус на коридор кој што е економски најисплатлив и кој што најприроден, во исто време го градиме и коридор 8“, истакна министерот Николоски.
Пруга кон Бугарија е во интерес за Македонија, но со изградба ќе продолжиме откако ќе се ревидираат сите недостатоци со посредство на Европската Унија, истакна вицепремиерот и министер за транспорт и врски Николоски.
Тој посочи дека проектот има три главни недостатоци меѓу кои цената, изводливоста и тунелското решение.
„Во однос на цената договорена e ревизија помеѓу македонската страна, бугарската страна и Европската Унија. Да видиме како се дошло до овие суми и кој тие суми така ги предвидувал. Многу е добро што во ревизијата ќе учествува и Европската Унија и тие ќе видат многу работи и ќе ги извадиме сите работи во јавноста. Друга работа, кај се видело тунел да се гради до половина? Да, ќе градиме пруга кон Бугарија, но не по овој проект. Македонија е единствена во моментов која има активности на коридорот 8 во железничкиот сообраќај“, рече Николоски.
Тој појасни дека компанијата која го има проектирано третиот дел од пругата кон Бугарија е истата компанија која не ја заврши штипската болница и со која што сега Македонија е на арбитража.
„Затоа е многу добро што од Европската Унија се согласија да се прави ревизија на цената и на проектот“, кажа Николоски.