„По мене, мислам дека е побитен квалитетот на држави со коишто имаме средби отколку бројката. Многу често зборувам за група на држави кои се спротивставуваат на проширување. За мене најзначајна средба која што премиерот Мицкоски ја имал откако е избран, е средбата со претседателот на Франција, Емануел Макрон. Франција е сега играч број еден во ЕУ. Макрон е несоменено лидер во ЕУ со најголем легитимитет. Германија допрва влегува во избори и тука најверојанто ќе има промена. Ако успееме да сработиме добро со Франција и со уште неколку други земји од Западна Европа, мислам дека нашите аргументи може лесно да бидат примени. Ако ЕУ сака Македонија да почне преговори, Македонија ќе почне преговори, затоа што ние немаме проблем со најсилната земја членка на ЕУ, имаме проблем со најслабата или втората најслаба земја членка на ЕУ. Убеден сум дека еден дипломатски тешкаш од Западна Европа со едно претпладне во Софија ќе го реши проблемот“, рече вечерва Николоски за ТВ Сител.
За разговорите со претставници на Бугарија, Николоски нагласи дека ќе чекаат во Софија да има стабилна влада за да разговараат за сите прашања од дијалогот.
„И Бугарија, како и Македонија, е парламентарна демократија каде што претседателите имаат протоколарна или минимална извршна моќ. Владата е таа која ги носи одлуките. За жал, Бугарија седум изборни циклуси по ред не може да избере влада. Веројатно ќе одат на осми избори во март. Во моментов таму има техничка влада. И во такви услови е многу тешко да се води каква било форма на дијалог затоа што ниту една страна не може да преземе обврски. Јас се надевам дека ќе формираат влада. Веројатно, во март ќе имаат повторно избори, тоа е одлука на граѓаните на Бугарија. Ние може само да следиме, не можеме ништо да направиме, рече тој.
Николоски информираше дека Министерството за транспорт во соработка со Генералниот секретаријат и Владата прави испитување на пазарот за најавената набавка на електрични автобуси за јавниот градски превоз.
„Не е на ниво на желба. Во соработка со Генералниот секретаријат и Владата правиме испитување на пазарот. Ова беше работа која требаше да ја прави ЈСП, но за жал состојбата е таква каква што е и тука треба да се корегираат многу закони во насока на одговорност на градоначалниците“, рече Николоски.
Тој посочи дека ќе се оди со повеќегодишна набавка со цел да не се оптовари Буџетот наеднаш затоа што станува збор за голем износ на средства.
„Идејата е да се плаќа четири години на осум рати, на секои шест месеци. Ќе се набават 120 автобуси и најмалку 50 полначи и на овој начин да се решава сообраќајниот хаос што се случува. Мислам дека ова ќе е чекор напред кон решавање на проблемот“, рече Николоски.
Тој соопшти дека деновиве очекува промени и во Агенцијата за пошти за да се провери како се давани лиценци на приватни пошти кои и како се работело на уништување на нацоналната Пошта.
„Откако го решивме проблемот со платите сега одиме со стабилизација. , таму имало доста лоши решенија кои ги менуваме. Паралелно очекувам деновиве промени и во Агенцијата за пошти да провериме како се давани одредени лицеци на приватни пошти кои буквално работат од подрум со цел да ја уништуваат Македонска Пошта и сум убеден дека веќе следната година квалитетот ќе оди многу нагоре и првпат после многу, многу години МП ќе покажат добивка. Во однос на централниот објект имаме договор со Делегацијата на ЕУ во Скопје и со Министерството за култура да стане убав мулти медијален центар во следните две до три години, најави Николоски.