„А, инаку тоа што сакам ексклузивно да го споделам вечерва е што веројатно Стево Пендаровски за многу пари ќе добие совети и анкети какви што ќе сака да види. Но, тоа нема да се реализира на терен. Па, еве да му фрлам ракавица на Стево Пендаровски да каже дали е вистина или не дека неодамна бил посетен од еден стратег и подготвувач на изборни кампањи и на анкети. Тој по потекло бил од Израел, а случајно во минатото работел во една соседна држава за тамошниот претседател, во друштво со одредени лица од Романија и Хрватска. И да го прашам дали тие луѓе ќе му ја водат кампањата? Ако му ја водат кампањата, дали тоа ќе го пријави во антикорупциската комисија? Затоа што ако не го пријави, тоа е кривично дело. И колку тоа ќе го чини и од каде ќе ги најде тие средства“, праша потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Николоски исто така постави прашање и до СДСМ – дали е вистина дека ангажирале странски куќи да им ја работат кампањата.
„Кога пред пет години Пендаровски се кандидираше за претседател велеше дека по завршување на мандатот нема да ги користи привилегиите кои што следуваат на поранешните претседатели. А, тоа е без разлика за колку години му следува пензијата во висина на претседателска плата. Пендаровски не исполнува услови за пензија, а очигледно ќе земе. И следуваат сериозни финансиски средства за функционирање на кабинет со вработени, со канцеларии, со патувања… Велеше дека нема да ги користи овие привилегии, но некако последниве години молчи откако е свесен дека ќе биде демолиран, дека ќе биде прегазен и поразен на овие претседателски избори“, рече Николоски.