петок, 12 јули 2024
Изјави на министгерот за транспорт

Николоски: Ќе преместуваме и бензински пумпи, автопат до Охрид мора да има во 2026 година

Министерот за транспорт Александар Николоски денеска најави дека ќе биде обновена работата на автопатот Кичево-Охрид и почеток на градба на автопатот од Кичево до Букојчани. Тој рече дека има многу проблеми, ќе мора и бензински пумпи да се поместат од трасата, но дека работите мора да бидат завршени како што е ветено – во 2026 година.

Објавено на

часот

Сподели

Николоски нагласи дека останува на ветувањето до крајот на 2026 година да има функционален автопат, но и нагласи дека има многу проблеми во однос на изградбата на автопатот Охрид – Кичево.

„Во моментов ги детектираме проблемите. Дел се поврзани со експропријација, дел се поврзани со проектирање на косини, дел се поврзани со објекти коишто се на самата траса, како бензински пумпи кои треба да се дислоцираат, а се наоѓаат на самата траса. Она што можам да кажам е дека како ќе правиме, ќе правиме, но ветувањето што го дадовме дека до крајот на 2026 година ќе има функционален автопат, ќе го реализираме“, рече Николоски.

Министерот беше во посета на Градежниот факултет.

Деканот Горан Марковски изјави дека тоа што се случува со автопатот Охрид-Кичево покажува дека проектирањето на сериозни инфраструктурни проекти, особено на  линиски инфраструктурни проекти, заслужува многу поголемо внимание и подолг период на проектирање.

„Таму има многу елементи што се специфични од различни аспекти, меѓутоа генерален заклучок што може да се извлече е дека проектирањето е многу важна фаза во целокупната изградба на вакви капитални инвестиции. Проектот има долга историја. Работен е во едно друго време. Почнат е да се проектира во минатиот милениум, во 1999 година, со некои други сфаќања и други правила во решавање на одредени технички проблеми. Кога денес би се проектирал овој автопат сигурно би се пристапило поинаку и би се нашле поинакви решенија за одредени проблеми кои сега се јавуваат“, рече Марковски.

Министерот Николоски очекува за скоро време да биде завршен и патот од Прилеп до Градско, како и сериозно да се посветат на реализација на автопатските делници од Тетово до Гостивар, од Гостивар до Букојчани и од Прилеп до Битола.

Тој најави реализација на големи инфраструктурни проекти и како што рече негова заложба ќе биде да с ангажираат домашни компании.

„Дефинитивно моја заложба број еден, ќе биде и да работат домашни компании, да се вработуваат луѓе од државата и средствата што Македонија ги инвестира во инфраструктура да остануваат во Македонија, но, уште повеќе знаењето да останува и да се надградува затоа што реализацијата на секој проект, особено на големите значи знаење и искуство плус. Факт е дека во последните години, за жал, Македонија во тој дел заостанува и мора да направиме големи чекори во периодот што следува“, рече Николоски.

Во однос на развојот на железницата, министерот истакна дека приоритет е развојот и модернизација на Коридор 10.

„Имаме различни концепти, но се надевам дека во следниот период и со меѓународните кредитори и со меѓународните донори ќе најдеме заедничко решение да изградиме најефикасна пруга низ која што ќе поминуваат најмногу товарни возови и најмногу патници. Јас мислам дека приоритет број еден за Македонија треба да е Коридорот 10 затоа што тоа е коридор кој што носи пари во Македонија и кој што носи профит во Македонија и тоа е првиот коридор кој што треба да го развиваме заедно со Македонски железници инфраструктура”, истакна Николоски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ