На состанокот на владата Нетанјаху истакна дека ја почитува поддршката на американскиот претседател Џозеф Бајден за време на војната, но оцени дека пред четири месеци имало „драматичен пад“ на испораката на оружје.
„Веќе неколку недели апелираме до нашите американски пријатели да ги забрзаат испораките. Го правевме тоа одново и одново. Тоа го направивме во повисоките ешалони и на сите нивоа и сакам да нагласам дека тоа го правевме во приватни околности. Добивме секакви објаснувања, но не добивме една главна работа и основната ситуација не се промени“, додаде Нетанјаху.
Тој рече дека пристигнале одредени производи, но дека најголемиот дел од оружјето не пристигнало.
Министерот за одбрана на Израел, Јоав Галант денеска во Вашингтон ќе се сретне со највисоките американски претставници и ќе разговара за тоа.
Нетанјаху објасни дека решил да даде јавна изјава по неколку месеци без никаква промена на ситуацијата и дека долгогодишното искуство го научило дека тоа е клучот за деблокирање на помошта, пренесоа израелските медиуми.
Тој рече дека очекувал критики по објавувањето на видео пораката, како што се случило со неговото јавно противење на нуклеарниот договор со Иран од 2015 година.
„Подготвен сум да трпам лични напади заради безбедноста на Израел“, изјави израелскиот лидер и изрази надеж дека проблемот наскоро ќе биде решен.
Белата куќа во четвртокот објави дека изјавите на израелскиот премиер за забавување на испораката на американско оружје за Израел не се точни.