сабота, 19 октомври 2024

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

„Немој погрешно да ме сфатиш“ – грижа за соговорникот или манипулативен маневар?

Во ситуации кога претпоставуваме дека нашиот соговорник можеби нема да го разбере она што ќе го кажеме или дека тоа ќе го вознемири. Тогаш кога изнесуваме свој став или мислење, посебно ако е негативно и ако е голема веројатноста дека на нашиот соговорник нема да му се допадне. Ја употребуваме кога критикуваме, а не сакаме да ни судат поради тоа, или кога се залажуваме дека не сакаме да го повредиме или навредиме соговорникот.

Дали потенцијалната непријатност исчезнува или барем се намалува доколку ја најавиме? Која е целта што ја постигнува „Немој погрешно да ме сфатиш“? Каков ефект има на оној кому му е упатена, а која е позицијата на оној што ја упатува? Дали нејзината употреба зборува нешто за оној што ја изговара?

Позиција на примателот на пораката

„Немој погрешно да ме сфатиш“ е реченица што може да биде примена со исклучително бурна реакција. Во основа претставува барање и обид за модификација на однесувањето, чувствата и резонирањето на оној на кој му е упатена и често има манипулативна функција. Имплицитни барања во склоп на оваа порака може да бидат: „Немој да реагираш онака како што би реагирал“ или „Ако реагираш бурно, тогаш погрешно си сфатил“.

Критиката, неприфаќањето и отфрлањето често можат да бидат „облечени“ во „немој погрешно да ме сфатиш“. Како тоа да е доволно да ја неутрализира или ублажи содржината и ефектот на пораката што следи. Во тој случај имплицитни барања може да бидат „Немој да се чувствуваш лошо затоа што те критикувам, не те разбирам, не те забележувам, не те поддржувам или затоа што те отфрлам“.

Кога некој ни зборува нешто што нѐ повредува и притоа уште и се обидува да влијае на нашата реакција, што можеме да чувствуваме? Мнозинството од нас чувствуваат болка, протест, лутина и бес. Тоа се најчести, а истовремено и природни, здрави и логични реакции, кои имаат одбранбена и заштитна функција кога некој ги пробива нашите граници.

Критиката и отфрлањето завиткани во целофан остануваат критика и отфрлање, а омотот, кој има функција да ги замаскира, за многумина од нас само ги интензивира и ги прави повоочливи. Освен што можеби нѐ боли пораката што ја добиваме, дополнителна болка ни создава и свесноста за обидот на соговорникот да ја модификува нашата реакција. Некои од нас го гледаат и „читаат“ овој обид и веднаш реагираат на него. Протестот и лутината се басочени кон обидот за модификација на нашето однесување, а содржината иде во втор план.

Кога не сме свесни за овој маневар од страна на соговорникот, не значи дека тој маневар не се случил и дека ние тоа не го чувствуваме. Она што во тој случај го чувствуваме е тежина, тиштење и притисок за кој немаме рационално објаснување. Наводно сѐ е во ред, а ништо не е во ред.

Манипулацијата често нѐ заболува многу повеќе од критика, неприфаќање и отфрлање, бидејќи ја доживуваме како непочитување и потценување.

Позиција на испраќачот на пораката

Кога од луѓето бараме да не нѐ сфатат погрешно, ризикуваме да експлодираат и да ни се налутат. Како воопшто можеме однапред да знаеме како некој ќе нѐ сфати и уште дека погрешно ќе нѐ сфати? Со тоа себеси се ставаме во доминантна позиција во однос на соговорникот и нашата релација веќе не е хоризонтална, туку станува вертикална.

Ако постои погрешно сфаќање, што би било правилно сфаќање? Што бараме ние од соговорникот со „немој погрешно да ме сфатиш“? На што се обидуваме да влијаеме – на тоа што соговорникот ќе сфати или на тоа како ќе реагира? Дали е т.н. погрешно сфаќање всушност правилно сфаќање на целата ситуација? Дека ние се обидуваме да ја превенираме неговата реакција, која од некоја причина не ни одговара, која ја антиципираме и токму поради тоа и бараме „да не нѐ сфати погрешно“?

Ова се некои од прашањата што е корисно да си ги поставиме себеси секој пат кога имаме идеја од некого да бараме „да не нѐ сфати погрешно“. Ова барање во основа може да биде исклучително манипулативно бидејќи имаме цел да го менуваме однесувањето и перцепцијата на другиот на еден прикриен начин. Сакаме нешто да кажеме или да направиме, со голема сигурност претпоставуваме дека тоа на соговорникот нема да му биде пријатно, па затоа потенцијалната здрава протестна реакција ја прогласуваме за погрешна и бараме од него да реагира поинаку. Како ние да не го правиме тоа што го правиме и што тој го препознава, туку правиме нешто друго, а тој погрешно гледа, сфаќа и реагира. Ова се вика манипулација и измамување или обид за манипулација и измамување кога соговорникот ќе ги прозре нашите намери и ќе одбие да ја прифати играта што му ја наметнуваме.

Гешталт-терапија за комуникацијата со другите

Говорејќи за комуникацијата со другите, Џон Стивенс, психолог и психотерапевт, ученик на Фриц Перлс (еден од основачите на Гешталт терапијата), вели дека искреноста е однесување и е нешто што можеме да го избереме или да не го избереме во комуникацијата со другите. Искрениот однос не е секогаш радосен или пријатен, но е единствениот вид однесување што како одговор има доверба, вели Стивенс.

Затоа кога постојат прикриени намери и тајна агенда, не можеме да зборуваме за отворена и искрена комуникација и тоа е она што нашите соговорници го препознаваат и на кое реагираат. Ние не можеме да знаеме како некој ќе нѐ сфати освен кога знаеме дека правиме нешто што нема да му се допадне. Менталното здравје и манипулацијата со други луѓе не одат заедно, оттаму и бурната реакција на соговорникот на „немој погрешно да ме сфатиш“.

Кристина Пота Радуловиќ

психотерапевт, клинички психолог и гешталт-терапевт

Фото: Ропиксел

КОЛУМНИ

Миодраг Врчаковски

Илегална миграција на легален начин!

Сеад Џигал

Стереотипите како бариера за жените кандидатки

Ристо Цицонков

Греење: Не си играјте со децата, може да се разболат

Кристина Пота Радуловиќ

„Ти си пречувствителен/на“ – грижа за нас или агресија и етикетирање?

Ристо Цицонков

Базна електрична енергија да, ама не со слаб кадар и неприменети...

Далибор Ступар

Што се случи со Зелената агенда во Србија?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ