четврток, 28 ноември 2024

Немири во Велика Британија: Демонстранти ја нападнаа полицијата (ВИДЕО)

Британскиот премиер Кир Стармер рече дека полицијата ја има неговата „целосна поддршка“ во справувањето со „екстремистите“ кои се обидуваат да „сеат омраза“ со тероризирање на заедниците.

Епа

Објавено на

часот

Сподели

Насилните немири по убиствата на трите девојчиња во северозападна Англија повторно зафатија неколку британски градови во саботата, при што беа повредени полицајци и оштетени се имоти во најраширените немири во земјата во последните 13 години.

Немирите во кои учествуваа стотици антиимиграциски демонстранти избија во неколку града откако на социјалните мрежи брзо се проширија лажни информации дека осомничениот за нападот со нож во понеделникот на детскиот час по танц во Саутемптон е радикализиран муслимански мигрант.

Полицијата соопшти дека осомничениот Аксел Рудакубана (17) е роден во Британија, но продолжија антиимигрантските и антимуслиманските протести кои се претворија во насилство, апсења и грабежи.

Насилниците одговорни за нередот на улиците „ќе ја платат цената“, соопшти британската влада.

Министерката за внатрешни работи, Ивет Купер, рече дека луѓето вклучени во судирите „ќе ја платат цената“ и дека „насилството и нередот немаат место на улиците на Велика Британија“.

Насилни немири избувнаа во Ливерпул, Бристол, Хал и Белфаст – четири града во различни делови на ОК – со тепачки и фрлени цигли и шишиња додека антиимиграциските демонстранти се судрија со антирасистички групи.

Судирите продолжиле во текот на вечерта, а кулминирале во хотелот во кој се сместени азилантите.

„Сцените во Бристол минатата ноќ беа целосно неприфатливи“, изјави главниот инспектор Викс Хејворд-Мелен.

„Четиринаесет лица се уапсени за различни прекршоци, ќе има уште апсења. Прекршителите ќе се соочат со целосна сила на законот“, пишува Скај њуз.

Низ Велика Британија, полицијата уапси десетици демонстранти за прекршоци кои се движат од насилни нереди до кражби и криминални штети. Дополнителна полиција е распоредена низ градовите, додека џамиите ширум земјата се советувани да ја засилат безбедноста по нападот врз џамија во Саутемптон во вторникот.

Најмалку две продавници во Ливерпул се вандализирани и ограбени, додаде полицијата. Слични сцени беа видени во југозападниот град Бристол, иако антирасистичките демонстранти беа побројни од анти-имиграциските групи. Во Белфаст, некои бизниси пријавиле материјална штета, додека најмалку еден бил запален, според полицијата.

Многу полицајци беа повредени додека се обидуваа да спречат судири меѓу неколку стотици спротивставени демонстранти.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ