сабота, 20 јули 2024

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Нечиста крв – втора сезона: Какви се обвиненијата против д-р Жан Митрев?

Аферата почна пред точно една година со истражувачка сторија на ИРЛ насловена како „Нечиста крв“ во која беа изнесени сериозни обвинувања за несовесно лекување и други пропусти на клиниката, но и со многу лични напади врз угледот на д-р Жан Митрев, кој наводно лажно се кител со сомнителни дипломи, признанија и сл. Јавноста беше згрозена од тврдењата дека клиниката наводно ја криела појавата за интрахоспитални бактерии и дека вршела недозволени експерименти врз пациентите без нивно знаење и согласност – и од тоа се богатела. На крајот, од овие сериозни новинарски обвинувања сепак не излезе ништо.

Имено, излезе дека тимот на д-р Митрев не спровел вистинска клиничка студија за која требала посебно одобрение и некаков експеримент, туку објавил само ретроспективен приказ на резултатите од употребата на хемофилтрацијата во лекувањето на сериозни инфекции со ковид-19. Деновиве Основниот кривичен суд ги ослободи д-р Митрев и клиниката од обвинението дека во МАЛМЕД не пријавиле отпочнување со клиничко испитување на медицински средства за хемофилтрација.

ИРЛ повторно се повикува на стручен труд за наод на болнички бактерии во болницата. Трудот е напишан од самата болница. Ако сакале нешто да прикријат, нема да го објавувале. Не се работи за инфекции со тие бактерии, туку наод на истите кај пациентите и нивната околина. Може да била и колонизација. Бактеријата ја има во носот или устата, тоа не значи дека таа предизвикала пневмонија. Голем дел од тие бактерии пациентите ги носат со себе, бидејќи биле лекувани во други болници. На крај, интрахоспитални инфекции се неминовност во секоја болница, особено во интензивна нега. Не е прашање дали ги има, туку дали е се преземено да ги има помалку, дали се откриваат и следат или се заташкуваат и игнорираат, како што е во некои болници. Оттука и ова обвинување отпадна и не влезе во обвинителниот акт (предлог).

На крајот, обвинение против доктор Жан Митрев и против самата клиника како правно лице е подигнато заради примената на хемофилтрацијата и тоа не заради несовесно лекување, не заради тоа што некој умрел и сл., туку за (обична) измама! Имено, Митрев наводно свесно и намерно ги довел пациентите и нивните семејства во заблуда (односно ги лажел) така што прикривал или лажно прикажувал факти со намера да прибави, ни помалку ни повеќе туку точно 97.461.600 денари!? Од кривичноправен аспект е важно што намерата да прибави противправна корист е конститутивен елемент на делото – без намера нема дело! Оттука, ова дело не може да се стори од небрежност, туку само со директна умисла.

Лагата (заблудата) наводно била по однос на тоа дали методата 1) била одобрена и 2) дали била ефикасна (корисна).

1) По однос на тоа дали хемофилтрацијата била одобрена не е на чисто ни самото Јавно обвинителство, па така во обвинението прво се тврди дека воопшто не била одобрена за употреба во случаи на ковид-19, а потоа се вели дека, всушност, имало некакво одобрение, но тоа било под – за посебни случаи. Обвинителството и одбраната спорат околу значењето и преводот на терминот „emergency“од одобрението на оваа метода во САД (првото: Emergency Use Authorization for the United States и второто: Authorization of Emergency Use of Certain Medical Devices during Covid-19). Како и да е, се чини дека ако методата била неодобрена, Јавното обвинителство веројатно би гонело за несовесно лекување и сл., а штета ќе се барала заради смрт, нарушено здравје

2) Поспорно и побитно се чини обвинувањето дека д-р Жан Митрев ги лажел пациентите или нивните семејства (пациентите обично биле во тешка состојба, па и не ни можеле да комуницираат со докторот или другиот персонал) за ефикасноста на хемофилтрацијата кај болните од ковид- 19. Интересно е што обвинителството не се фаќа за стандардите на медицинското право поврзани со т.н. златно правило на информираност, кое подразбира докторот кој што го води случајот да го информира пациентот или семејството за методот и ризиците на лекувањето (кои пропусти претставуваат и се казнуваат како прекршоци согласно Закон за заштита на пациентите), туку измамата (како кривично дело) ја гледа во изјавите на Митрев дадени во медиумите и на интернет. Овој, навистина, во повеќе јавни настапи јавно говорел за примената и успешноста на оваа метода најпрвин кај срцевите болни, а после и кај болните од ковид- 19. Не е спорно дека тој е убеден дека методот е легален и корисен во третирањето на најтешките пациенти згрижени на интензивна нега, при што зборува и за објавените резултати од спорната студија.

Од кривичноправен аспект е спорно дали делото измама може да се стори на овој начин, со општи обраќања кон апстрактни (потенцијални), а не конкретни лица. Според академик Владо Камбовски кој кај нас е највисок авторитет за казненото право, ова не е можно. Според неговиот коментар на Кривичниот законик, не е измама ако некој во реклама или емисија ветува разубавување и сл. (т.е. во случајов – лекување) што значи изнесува општи мислења, а не за конкретен случај. Ова особено што фактите притоа мора да се постојни факти, од сегашноста или минатото, а не и (очекувања) од/во иднина, кои и не се факти, туку само очекувања чија веројатност и вистинитост е спорна.

Навистина, и самиот се прашувам, кој е тој што може (особено во услови на неизвесност какви што беа во екот на пандемијата) да утврди дека некој лекар неосновано и лукративно тврдел или гарантирал ефикасност на лекувањето (медицинскиот третман). Како тоа Јавното обвинителство сега ќе докаже дека конкретно лице поминало подобро или полошо, а уште помалку, како тоа однапред д-р Митрев бил свесен дека на луѓето не може да им помогне и имал намера да ги опљачка и тоа за точно 97.461.600 денари?! Зар тој воопшто би ги објавувал резултатите од третманот со хемофилтрацијата, ако тие навистина се лоши, а тој лажел дека се добри?! Бројките, според него, покажувале дека во неговата клиника смртноста е двојно помала (25%) од онаа во другите болници (50%) иако кај него доаѓале најтешките случаи. Дури и да било така, зошто ова не се квалификува како несовесно лекување; или пак обвинителката смета дека во случајот д-р Митрев воопшто не заслужил да се оценува како лекар, туку како обичен измамник!

Од друга страна, општо познато е дека за лечењето на вирусот не постои лек. До скоро немаше ни вакцини. Како кај нас така и во светот, медицинскиот персонал само се справуваше со последиците од болеста. Притоа, општо е познато и тоа дека не постоеја (и сè уште не постојат) проверени методи и правила за третман на истите. Во таа смисла, во една вонредна ситуација се користеа средства и методи што се претходно користени за други болести, но за кои се претпоставува дека може да помогнат во определени ситуации (симптоми), т.н. offlable методи. Се сеќаваме дека се одеше дури до таму да се користеа лекарства за животни, подоцна одобрени и за луѓе (Ivermektin), а Доналд Трамп нė советуваше да пиеме Chloroquine! Сега ова можеби ни изгледа смешно, ама среде пандемијата и не беше многу смешно, па и лично познавам образовани луѓе што овој лек го пиеја превентивно! Нашата држава во таа смисла имаше само препораки, но не и јасни процедури за лекување на ковид- 19.

Висината на штетатаза која обвинителството го товари докторот и клиниката е инаку (само) збирот на сумите наплатени за хемофилтрацијата, под некоја чудна претпоставка дека сите третмани биле излишни, иако тоа реално нема кој може да го докаже (кога овој третман бил корисен и колку, а кога не). Инаку, висината на наводната штета е висока и спаѓа во т.н. „значителна вредност“, па затоа е квалификаторна околност заради која Митрев се гони по ст. 4, од чл. 274 на Кривичниот законик, па запретената казна е построга ( 1 до 10 год.).

На крајот, се прашуваме каква порака се праќа до јавноста и посебно до медицинскиот персонал, луѓето на кои наводно им бевме бескрајно благодарни што беа најизложени во борбата со пандемијата, која едно време мислевме никогаш нема да ја победиме? Се криевме дома, бегавме од луѓе, меревме сатурација на показалецот… Дали тие (медицинарите, нашите тогашни херои) во една идна ваква или слична ситуација ќе треба исто така да се кријат и да нè остават да поцркаме? Не е случајно што во САД и други развиени држави медицинските здруженија бараа, а законодавците им дадоа своевиден имунитет од одговорноста за третманот и лекувањето од ковид – 19. Светот беше во војна. Еден ден, се вели во една таква декларација, луѓето сè ќе заборават и ќе почнат да тужат, а ние би додале, истите оние кои молеа и фаќаа врски да бидат примени на лечење, можеби најмногу, токму во клиниката Жан Митрев.

Ако може да заклучам, од правен аспект, практично е невозможно вината во случајов да се докаже надвор од разумно сомневање (beyond reasonable doubt), a фактите се толку лизгави што мора да се примени правилото in dubio pro reo!  Oва сè уште не значи дека д-р Митрев ќе биде ослободен од овие проблематични обвиненија. Ние веќе имаме богато искуство со процеси кои функционираат баш како што започна овој против д-р Митрев и каде токму медиумското оцрнување ги покрива сите слабости во доказите на обвинителството. Ако пак со лесно и без доволно докази може да осудат некого како д-р Жан Митрев, што да очекуваме ние обичните луѓе?

                                                                                                       проф. д-р Гордан Калајџиев

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Кaков систем за климатизација да се одбере?

Бојана Јовановска

До каде сме со (анти)родовите политики?

Рајко Пеколски

За дупките

Димитар Љоровски Вамваковски

Појавата на македонскиот протонационализам: Патот кон создавање на македонската национална посебност

Бранко Азески

Азески и Мицкоски со директна поддршка за компаниите

Јун Јанг-Кван

Што може да се очекува од новиот сојуз помеѓу Русија и...

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ