петок, 18 октомври 2024

Не сум разгалена ѕвезда!

Објавено на

часот

Сподели

 

„Албумот нема да биде ист, последниот го снимивме пред пет години, па нештата се променија“, вели Бајага и објаснува што е ново и во албумот и кај него. „Ново е времето, ново е сè. Секако, тоа нема да биде нешто многу поинакво од тоа што луѓето навикнале да го слушаат од мене, но сепак ќе има и некоја разлика од претходните албуми“.
Драго му е што неговата публика за него вели дека има убав глас, иако сè уште злите јазици брборат дека Бајага подобро рецитира.
„Мислам дека тоа беше во почетокот на кариерата и можеби малку им беше необичен мојот глас… Јас сум баритон и тоа не е чест глас, зашто повеќето пејачи се тенори. Не можам да пеам високо, но тоа што го пеам ниско ретко кој може да го отпее.“

Најчесто свириме во Словенија

Словенија е една од поранешните југословенски републики во кои Бајага со Инструктори најчесто свири.
„Во Словенија свириме барем 10 до 15 пати годишно, ама свириме и во сите други ексјугословенски републики без проблеми и на ист начин ги промовираме албумите. Кога ќе излезе нов албум, правиме промоција и во Љубљана и во Скопје… Секогаш промоцијата ја правиме прво во големите центри каде што се медиумите.“

Но свират и во дијаспората. Најчесто имаат турнеи во Австралија, Америка и Канада, но свиреле и во јужна Африка, во Казахстан, односно онаму каде што има луѓе од земјите на поранешна Југославија.

[video:http://www.youtube.com/watch?v=7y3RjMEXBnw]

Иднината е во Интернетот!

Според Бајага, издаваштвото полека исчезнува, а дискографијата се претвора во нешто што ќе се реализира преку Интернет. Патем, свој издавач нема ни во Македонија, ни во Србија, ни во Босна. Никаде.

„Јас би сакал да го имам секое ново издание во Македонија, но мислам дека дури и да се договорам со издавачите, веќе сите на Интернет ќе ги имаат песните и тогаш веќе нема никаква смисла. Кога го свиревме последниот албум во Македонија, нудевме албум за билет, па сите што дојдоа на нашиот концерт добија и диск, бесплатно, зашто тоа е единствениот начин за добра „дистрибуција“ на дискови. Тоа истото го направи и Принс во Америка. И тој на турнеите делеше дискови зашто дискови никаде веќе не се продаваат. Во времето кога јас ја почнував кариерата, луѓето правеа концерти за да ја продадат плочата, и се живееше од плочи, а сега луѓето издаваат плочи за да живеат од концерт“, вели Бајага.

Бајага и Инструктори

„Ние сме една фирма регистрирани како „Бајага и инструктори“ која работи позитивно. Многу работиме и потоа правиме албуми. Никој до никогаш не ни финансирал албум од политичка страна. Точно е дека понекогаш поддржував некои протести, избори, партии, најмногу Демократската партија, но тоа беше некое друго време и не сум член на ниедна партија, а нема ни да бидам. Јас сум музичар! “, вели Бајага.

За да се живее само од музика треба да се имаат 50 концерти годишно

Во неговата мала фирма која се вика „Бајага и инструктори“ вработени се 8 луѓе, шест од нив ги гледаме на бината, а тон мајсторот и менаџерот зад неа. И сите живеат само од музика.

„За да се живее добро би морале да имаме барем 50 концерти годишно. Минатата година имавме од прилика толку концерти, предминатата сигурно имавме 50. Кога имаш 50 концерти тогаш е во ред, но тоа значи речиси да се свири еднаш неделно. Но нема веќе турнеи како некогаш. И концертите стануваат поретки, а да се подготви еден концерт, на пример во Скопје, на него се работи цел месец“.

А кога се случуваат концертите во различни градови, Бајага и Инструктори немаат некои посебни желби. За разлика од многу други имиња. „Да, знам дека тие имаат желби, ама ние немаме. Кога имаме големи концерти нашиот менаџер бара некој кетеринг во гардеробата, малку вода, малку алкохол, сокови овошје и грицки. И тоа е сè. Но сè разбира, имаме повеќе барања по прашање на опремата, по прашање на техничката страна на концертот. Ние сепак припаѓаме на некое старо време кога ѕвездите не беа толку разгалени“.

А, што му е најважно за еден концерт?
„Најважно ми е да испадне тоа добар концерт! Во последно време, кога малку нè разгалија бидејќи одиме осуммина на пат, бараме и осум еднокреветни соби. Порано ни беше нормално да се сместиме во четири двокреветни соби, но секогаш имало едно бања, па секогаш сме биле во гужва да стигнеме да се подготвиме. На тоа сега гледаме како на некоја удобност, која не е луксуз, туку неопходност. Ако може. Ако не може, можеме и во четирикреветна соба.“
Во Скопје би сакал да свири во салата „Борис Трајковски“. Никого претходно во неа не свирел. Неколкупати свирел на стадион, но не со солистички концерт.

За новиот албум со нова гитара

Ако гитарите се одржуваат, што постари се тоа се подобри

Неговата приватна колекција на гитари брои пет, порано имал и повеќе, но некои ги продал. Често ги позајмува на младите бендови кога ќе побараат од него. Важно му е само тие да знаат да свират. А ако знаат, им ја дава бесплатно.

„Имам две електрични гитари на кои постојано свирам, една „Гипсон“ од 1976 година, која ја купив во 1978. Уште малку и ќе полни 40 години! А кај гитарите, ако добро се одржуваат, што се постари тоа се подобри. Како виното. Имам еден „Телекастер“ на кој свирам веќе 20 години. Тоа е реиздание на некој стар модел од 1965 година, имам и две акустични гитари, едната ја купив одамна, ама снимав многу спотови, па луѓето ја знаат гитарата од спотовите. За новиот албум планирам да се појавам со нова гитара“.

Не сум дел од естрадата

Вели дека се обидува да не биде дел од естрадата.

„Иако естрада во оригиналното значење, на шпански, значи бина. Но кај нас под естрада се подразбира жолтиот печат и тој вид на екипа.. Јас не излегувам на тие места каде што излегуваат луѓето кои припаѓаат на естрадата и никогаш не можете да ме видите на такви забави“.

Излегува со своите пријатели на „некои нормални места“, а тие не се луѓе од јавниот живот. Ретко оди и на промоции. Вели дека не му пречи фолк музиката, зашто секој има право да си пее тоа што сака, но му пречи претераното мешање на медиумите во приватноста.

„За мене имаше различни лаги. Но не сум злопамтило. Се згрозувам од вести од типот „таткото на Наташа Беквалац доби инфаркт“, во периодот кога известуваа постојано за разводот на Наташа и Дачо. Како човекот да добил на лото! Ако некој добил инфаркт, тоа е приватна, семејна работа, и ако веќе мора да се каже на телевизија, тогаш се вели „жал ни е… што ете нечиј татко добил инфаркт…“ а не тоа да се соопшти како човекот да добил оскар“.
Бајага не ги сака ниту реалните шоуа. Затоа и не го викаат да учествува во нив. Ја знаат однапред неговата реакција.

„Секој кој има попаметни работи во животот нема со тоа да се занимава. Мене ми е тоа одвратно. Ме израдува една вест кога слушнав дека во Америка, каде исто така пред 3-4 години реалните шоуа беа голем хит, сега веќе „пукнале“. Јас се надевам дека шпицот кај нас помина, зашто единствено нешто полошо од ова е да се договориме да направиме реално шоу каде луѓето би умирале директно во програма. Тоа би било многу интересно. Еве, умре. Сега би избирале која е поубава смрт. А оние неговите, потоа ќе добијат некоја паричка. Или кој побрзо ќе умре, такво шоу исто би било многу интересно. Кој прв ќе умре во реалното шоу. Или кој ќе умре со полоша смрт“.

За мене се пласираат најразлични лаги, но јас не сум злопамтило

Приватно, Бајага е татко на две деца. Со својата 12-годишна ќерка често вози велосипед и така ја одржува кондицијата. Сака да оди во театар, има и сработено доста театарска музика, но сака и да гледа филмови, да чита книги. Најпосле, како сите други нормални луѓе, со своите пријатели сака да седне на добро јадење во некој од добрите белградски ресторани.

J.K

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ