сабота, 19 октомври 2024
Дебата „Изборот и напредувањето во правосудните институции“

Не е сѐ во законите има нешто и во интегритетот и транспарентноста

Поголема транспарентност во работата на Судскиот совет, јасни и прецизни законски одредби со кои ќе се регулира постапката за разрешување на претседателот и за одговорност на членовите на советот што ги избира Собранието и нивна можност за разрешување од органот кој ги избрал, како и транспарентност на правосудството што ќе подразбира да може да биде извршена граѓанската контрола врз правосудните органи, се само дел од препораките и заклучоците на дебатата „Изборот и напредувањето во правосудните институции – Преку поголема транспарентност и квалитет, до зголемување на довербата на граѓаните во правосудството“.

Објавено на

часот

Сподели

Дебатата се одржа во рамки на 12 сесија на Работната група 3, Правосудство и основни права на Националната конвенција на ЕУ во РСМ, во организација на Европското движење.

Заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска Мадиќ на сесијата истакна дека транспарентноста е основната карактеристика на модерните демократии и оти особено е важна во правосудните институции, бидејќи промовира ефикасност, одговорност, поголема правна заштита и активна борба против корупцијата.  

„Институциите преку обезбедувањето информации за нивното работење ќе ја зајакнат довербата на јавноста во правосудниот систем и создаваат легитимитет на судиите и другите кои работат во правосудниот систем да ги увери дека правдата е задоволена. Решавањето на децениските проблеми во нашиот правосуден систем е вистински предизвик за оваа Влада за кој беше потребна силна политичка волја, време и темелни реформи за да се забрза нашиот напредок и час поскоро да ги отпочнеме преговорите со ЕУ“, посочи Мадиќ.  

Таа потсети дека пред неколку месеци Европската комисија (ЕК) на билатералниот скрининг во своите завршни зборови потенцираше дека земјава ги преземала сите потребни реформи и го поздравила донесувањето на сите законски решенија кои се усогласени со меѓународните стандарди, но дека мора да се посвети внимание идниот период на нивна имплементација. 

„За да говориме за комплетно независен и непристрасен правосуден систем потребно е да бидат исполнети два императиви – правилна примена на законите и правилна примена на судската пракса на Европскиот суд за човекови права. Од друга страна, транспарентноста води до зголемена ефикасност и промовира доверба во правосудниот систем. Токму во таа насока испорачуваме видливи резултати со цел да го олесниме пристапот до правдата на граѓаните во правосудниот систем“, оцени таа. 

Мадиќ исто така потсети дека во изминатиов период активно се работело на новата стратегија која се однесува на развој на целиот правосуден систем, посочувајќи дека истата била презентирана на Советот за реформа во правосудниот систем и потоа доставена до ЕК на мислење. По добиеното мислење, додаде заменик-министерката, стратегијата ќе биде доставена и во владина процедура.  

„Овој стратешки документ е од особено значење доколку се земе во предвид дека предвидените активности ќе бидат насочени токму кон обезбедувањето на континуитетот на реформите што се обврзавме да ги спроведеме со претходната стратегија, а во исто време ќе работиме на целиот развој и зголемување на капацитетите на институциите во правосудниот систем. Ги увидовме сите слабости, ги дебатиравме, разменивме различни мислења со сега засегнатите страни и најдобрите решенија ги преточивме во еден документ, а тоа е Акциски план што ќе биде придружен документ на самата стратегија“, рече Мадиќ.  

Националниот координатор на НКЕУ-МК, професор Милева Ѓуровска, посочи дека во актуелниот момент Конвенцијата е фокусирана на прашања од Првиот кластер „фундаментални вредности“ со цел преку дијалог да се креираат препораки кои ќе бидат придонес кон реформските процеси истовремено афирмирајќи ги пристапните преговори за членство во Унијата. 

Таа истакна дека транспарентноста е значајна и за стекнување легитимитет на судиите и обвинителите, а таа директно произлегува од довербата на граѓаните кои формираат ставови според судските одлуки и судските постапки. 

„Кога судството е под големо влијание на политичката моќ се чини дека судиите и обвинителите како доброволно да се откажале од моќта која формално им припаѓа ним. Процесот на зголемување на транспарентност во правосудството треба да продолжи во сите негови сегменти. Земјите кои сериозно се борат за стекнување на поголема доверба кон судството веќе имаат развиено моќни алатки за постигнување на трансарентност, меѓу кои ја истакнувам можноста јавноста да има пристап до судските пресуди без притоа да биде нарушена приватноста на случаите“, истакна Ѓуровска.

Според неа, „ферментираниот општествен амбиент – главно поттикнат од случувањата во правосудството, има ветувачка компонента“.

„Во јавноста се случуваат порешителни иницијативи за промени со цел воспоставување на фактичка одговорност на клучните фактори во правосудниот систем. Меѓу овие инцијативи има свој придонес и Националната конвенција“, додаде Ѓуровска.

Оља Ристова, судија во Основниот кривичен суд и експерт во НКЕУ-МК, посочи дека секогаш како составен дел на реформскиот процес во правосудните органи е и транспарентноста на истите, бидејќи високото ниво на транспарентност во државите со развиен правосуден систем дава огромни резултати. 

„Се очекува дека поголемата транспарентност ќе ја зголеми довербата на граѓаните, односно колку повеќе е информирана јавноста и колку помалку се одлучува „зад затворени врати“, довербата кај јавноста пропорционално треба да се зголемува. Јавноста може да види како работи советот на седници и како размислуваат членовите на судскиот совет за донесување на конкретна одлука, какви аргументи даваат во поткрепа на својата одлука да гласаат за или против некој предлог,“ смета Ристова.

Според неа, не секогаш големата транспарентност, значи дека има и квалитетно и професионално работење.

„За последново треба да бидат исполнети критериумите за независен и професионален состав на Судскиот совет, совет чии членови имаат интегритет и се отпорни на било какви надворешни влијанија. Сите ќе се сложиме дека случувањата во Судскиот совет во април оваа година, несомнено беа транспарентни, сите следевме преку медиумите што се случува таму. Сепак работата на советот резултираше со бројни критики од страна на домашната и меѓународната експертска јавност. Настаните беа окарактеризирани како спротивни на заложбите за независноста и угледот на судството, градењето на јавната доверба, како и спротивни со препораките во Извештаите на ЕУ и Стејт депратментот“, рече Ристова.

Посочи дека законските измени треба да се во насока на унапредување на независноста, стручноста и функционалноста на Судскиот совет како орган за судството кој треба ја обезбеди и гарантира самостојноста и независноста на судската власт и дека со нив треба да се надминат сите слабости на законското решение кои создадоа проблеми во практичната примена и оставија простор за различни интерпретации.

„Бурни беа реакциите поврзани со постапката за разрешување на претседателката на Судскиот совет во април 2023 година. Анализирајќи ги законските одредби од страна на експертите се дојде до заклучок дека во Законот за судски совет не постојат одредби кои ја регулираат постапката за разрешување на претседателот на советот. Нема да навлегувам во анализа како постапија членовите на Судскиот совет во тој момент, но во секој случај истите во ситуација кога нема законски одредби за разрешување на претседател, тие го употребија принципот на аналогија и дадоа свое лично толкување на постојните законски одредби. За да се одбегнат овие ситуации потребни се измени во оваа насока, односно на законски начин да се регулира постапката за разрешување на претседателот на Судскиот совет“, рече Ристова.

Според неа, овие законски одредби треба да бидат јасни и прецизни, во согласност со меѓународните стандарди, односно јасно да се определат, кои би биле причините за разрешување, кој може да предложи разрешување како точка на дневен ред, од колку членови треба да е поддржан тој предлог, да има издржано и темелно образложение за предлогот, дискусија по предлогот, потребен број на гласови и начин на спроведување на гласањето, сѐ со цел да се одбегне било каков сомнеж за пристрасност и надворешно влијание при спроведување на оваа постапка.

Христоф Харсдорф, поранешен судија и обвинител, германски и ЕУ правен експерт, говореше за своето искуство во споделувањето на правни совети каде што бил испраќан во повеќе држави во светот.

„Изборот и промовирањето на судиите е многу критична точка, имаме случаи каде што судството е дегенерирано во некои земји, и судиите пресудуваат во корист на политичките партии, и одржување на интегритетот на правниот сектор е многу тешка задача“, рече тој.

Говорејќи за изборот на судии во Германија, рече дека студентот треба да добие магистерска титула по право од признаен универзитет и по магистратурата по право има опција да биде обучен за судија три години. 

„Само мал дел од студентите решаваат да одат во тој правец. По овие три години има државен испит, кој трае 12 дена, спроведен од Министерството за правда и на тој испит нема ограничувања какви прашања ќе добие. Ова е извонреден пример за интегритетот на системот. Ќерката на премиерот еднаш падна на овој испит, и тоа беше примено како многу добар пример дека системот ги одбива оние кои се слаби кандидати“, нагласи Харсдорф. 

За македонското правосудтво кажа дека сме добри во практика, односно имаме добра правна рамка.

Никола Тупанчевски, поранешен министер за правда, професор на Правниот факултет при УКИМ и експерт на НКЕУ-МК, кажа дека она што го загрижува е временската рамка на Стратегијата за развој на правосудството која е предвидена да се спроведува од 2023 до 2027 година.

„Станува збор за еден сериозен документ во кој се исцртани маргините што треба и во која насока треба да се движиме во иднина кога станува збор за сектор правосудство. За некои работи сѐ уште не сме усогласени како општество и како држава. Така што ќе мора итно да се направи чекор за донесување на стратегијата, тоа да биде 2024 година затоа што се губи смислата затоа што во 2023 нема да биде стратегија, туку анализа на правосудниот сектор“, посочи Тупанчевски.

Фатиме Фетаи, јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство – Скопје, рече дека заедничката цел е европската иднина, но тоа подразбира доследност во градење на општество засновано на европски вредности, првенствено на владеење на правото, како што налага првиот кластер „Темели“.

Сѐ уште има отсуство или минимална доверба во правосудството од граѓаните. Она што ни недостасува не се поконкретни правила, не се нови закони, туку ни требаат правници кои имаат способност да ја применуваат правната рамка, духот на правото и на општествените вредности кои правото ги штити“, рече Фетаи.

Оцени дека сите досегашни опции со кои се крпел системот се веќе искористени. 

„Сметам дека е потребен ремонт, генерален реизбор на сите судии и јавни обвинители во втор и во трет степен. Како би одел тој реизбор, има неколку точки. Прво постепено, по една третина, и тоа да не биде само формално туку со тој реизбор да бараме стручност, докажан интегритет и покажани резултати во работењето“, рече Фетаи. 

Дополнително, смета таа, да биде земено предвид особено за оние кои целат кон раководни позиции, дали и колку, во време на извршување на функцијата судија или јавен обвинител, нивниот глас е слушнат во општеството, за прашања од широк правен и општ интерес. 

„Потребно е и проверка на имотот, на финансиите, поврзаноста со одредени криминални структури“,рече Фетаи.

Ана Павловска Данева, професор на Правниот факултет „Јустинијан први“ при УКИМ, кажа дека Стратегијата 2017 – 2022 започнува всушност со реформи во Судскиот совет и дека советот во тоа време ве апострофиран  како рак рана на правосудството, како една од најголемите кочничари на реформата во судството.  

„Апропо забелешките и значајните ставови и насоките во стратегијата, беше прво изменет Законот за судски совет, беше донесен нов закон кој ги доби сите позитивни оценки и од меѓународната заедница и од домашните експерти, но де факто ако ја гледаме состојбата ќе видиме дека апсолутно ништо не е сменето во поглед на ефектите и резултатите што не ги постигна овој закон“, оцени Данева.

Оттука, додаде, не мислам дека за да се подобрат состојбите, а особено за транспарентноста на работењето на Судскиот совет, дека секогаш се нужни законски измени. 

„Ние можеме колку сакаме да ги менуваме законите, да ги усовршуваме, доколку не постои политичка волја за нивно спроведување тие повторно ќе останат гола буква на хартија. Конкретно има неколку точки кои новиот закон ги предвидува како обврска за Судскиот совет, а кои не се имплементираат и во пракса не ги гледаме. Прво, образложението на одлуките кое е тесно поврзано со транспарентноста. А транспарентноста не значи само јавност на седниците која за жал не се почитува. Во постојниот состав на Судскиот совет гледаме не само во неколку наврати дека тие беа тајни, туку за жал во последното јавно прикажување на седницата, експлицитно од членка на советот беше побарано идната седница на која што треба да се разговара да биде тајна што е спротивно на законските одредби иако се тие изричити во новиот Закон за Судски совет’, рече таа.  

Образложението на одлуките на Судскиот совет, додаде, е тесно поврзано со транспарентноста на нивното работење, но според неа, ние такви не можеме да видиме. 

„Така што, за ова не треба измена на закон. Треба само да се почитува законот и треба судиите да се произнесат она што нив ги водело, тоа што било водилка за да одлучат на определен начин да го аргументираат, да го соопштат јавно и тоа на јавноста да и биде достапно. Мнозинство од осуммина за гласање тоа е исто предвидено во законот, а ние гледаме дека се носат одлуки без тоа мнозинство, што значи дека толкувањето и имплементацијата на законската одредба е погрешна, лоша е, ако сакате политизирана, а не дека законот има недостатоци и дека треба да се менува во таа смисла“, рече Павловска Данева.

 Дарко Аврамовски, директор на Коалицијата „Сите за правично судење“, кажа дека клучната работа која треба да ја имаме предвид е транспарентноста, која што не подразбира само јавност.

„Транспарентност подразбира да може да биде извршена граѓанската контрола. Затоа што сите институции на крајот се подредени на граѓаните. Сите институции и државни органи работат во интерес и за сметка на граѓаните на државата“, рече Аврамовски. 

Оттаму, вели тој, граѓаните мора да имаат право да бидат запознаени со тоа како овие институции и органи го спроведуваат правото, како се грижат за заштита за нивните права и слободи, и како ги донеле оние одлуки коишто ги имаат донесено, кажа Аврамовски.

Меѓу препораките што произлегоа од сесијата е и да се разгледа можноста за ревидирање на одредбите со кои Претседателот на државата предлага двајца членови на Судскиот совет, кои потоа ги бира Собранието. Натаму, условот „истакнат правник“ за избор на членовите на Судски совет и Советот на јавни обвинители на предлог од страна на Собранието треба да биде законски прецизиран и да содржи критериуми за должина на работното искуство, материјата со која професионално се занимавале…

„Оние членови кои ќе ги исполнат наведените услови не треба да бидат од редот на судиите“, пишува меѓудругото во препораките на НКЕУ-МК.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ