вторник, 22 октомври 2024

Не е предвидено владино одбележување на Меѓународниот ден за Сребреница

Меѓународниот ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница нема да биде одбележан со настан во организација на македонската Влада. На прашањето на МКД.мк, дали сега, откако Македонија беше коспонзор на Резолуцијата за Сребреница која беше изгласана во Обеднетите нации и е воспоставен меѓународен ден за сеќавање, од Министерството за односи меѓу заедниците ни е одговорено дека во програмата што е оставена од претходниот состав на ова министерство, ниту e наведено одбележување на овој ден, ниту се издвоени финансиски средства за таква намена. Од министерството забележуваат дека освен за албанската заедница, ниту за оваа, ниту за претходните години, немало програма ниту пари за останатите етнички заедници.

Објавено на

часот

Сподели

„Нема никаква сериозно образложена програма за работа на Министерството за односи меѓу заедниците за 2024 година, а согласно буџетот предвидени се само средства за финансирање на обележувањето на 13 август – потпишувањето на Рамковниот договор, во висина од 6.000.000 денари и за обележување на Денот на албанската азбука – 28 Ноември, за кој се предвидени средства во висина од 3.800.000 денари во буџетот на Министерството за односи меѓу заедниците.

И тоа се единствените активности на министерството во изминатиот период, од каде станува повеќе од очигледно изоставувањето на националните заедници не само од програмата на министерството, туку и третманот на министерството кон нив и нивните потреби.

За националните заедници наброени во преамбулата на Уставот, за нивните национални денови и други важни датуми, ниту оваа ниту претходните години не биле и не се предвидени никакви средства и нема никаква програма врз основа на која би биле одбележани на соодветен начин“, се вели во одговорот на Министерството за односи меѓу заедниците на прашањето на МКД.мк како ќе биде одбележан Меѓународниот ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница.

Во претходната Влада на Димитар Ковачевски, министер за односи меѓу заедниците беше Артан Груби од ДУИ во чие министерство не биле предвидени средства за Денот за Сребреница. Неговиот сопартиец пак, министерот за надворешни работи Бујар Османи беше иницијатор Македонија да биде еден од коспонзорите за донесување на таа Резолуција во Обединетите нации и тоа за време на техничката влада чиј мандат практично требаше да биде само подготовка на парламентарните и претседателски избори што се одржаа годинава, како и некои чисто технички работи неопходни за функционирање на државата. Османи во исто време беше во предизборна кампања како кандидат за претседател на Македонија.

Македонија потоа гласаше во Обединетите нации за усвојување на резолуцијата, а веќе избраната претседателка на Македонија, Гордана Сиљановска Давкова, изјави дека амбасадорот Љубомир Фрчкоски требало да се консултира со неа.

Коспонзорството на Македонија ги влоши односите со Србија, а во тој контекст беше и најавата на тогашниот технички министер Османи, дека ќе побара Владата да донесе одлука со која Македонија ќе ја напушти Иницијативата Отворен Балкан, која веќе беше профункционирана. И ова прашање ги подели политичарите и партиите во Македонија, а имаше неповолен одглас во Србија и во дел од Западен Балкан.

А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ