среда, 30 октомври 2024

Навални обвинет за тероризам, го поврзуваат со бомбашкиот напад во Санкт Петербург

Објавено на

часот

Сподели

Затворениот руски опозициски лидер Алексеј Навални (46) вчера изјави дека се соочува со нови обвиненија за екстремизам и тероризам, кои би можеле доживотно да го стават зад решетки. Навални има ново судење, а на рочиштето зборуваше преку видеоврска од затворот.

Тој рече дека обвиненијата за тероризам се апсурдни и може да го пикнат во затвор на 30 години. Критичарот и противник на Путин истакна дека истражителот му рекол дека ќе се соочи и со посебно судење пред воен суд под обвинение за тероризам. Тоа може да го доведе до доживотен затвор.

„Обвинувањата имплицираат дека извршувам терористички напади додека седам во затвор“, рече Навални.

Иван Жданов, главен сојузник на Алексеј Навални, рече дека истражителите се обидуваат да ги поврзат обвиненијата за тероризам со бомбашкиот напад во почетокот на овој месец во кој загина рускиот воен блогер Владлен Татарски во Санкт Петербург. Навални, кој ја разоткри корупцијата во Кремљ и организираше масовни протести против руската влада, беше уапсен во јануари 2021 година откако се врати од Германија во Москва.

Тој беше во Германија додека заздравуваше од труење со нервен агенс, за што Навални го обвини Кремљ. Навални најпрво доби 21-годишна затворска казна поради прекршување на условниот отпуст. Минатата година тој беше осуден на девет години затвор за измама и непочитување на судот. Тој моментално ја отслужува казната во високообезбедениот затвор што се наоѓа на околу 240 километри источно од Москва.

Новите обвиненија против Навални се однесуваат на активностите на неговата антикорупциска фондација и изјавите на неговите највисоки соработници, пишува Ен-би-си. Неговиот сојузник Леонид Волков рече дека обвиненијата ретроактивно ги криминализираат сите активности на фондацијата на Навални од нејзиното основање во 2011 година и носат потенцијална затворска казна до 35 години.

Вчерашното рочиште во Окружниот суд Басмани во Москва беше одржано за да се расправа за подготовките за судењето на Навални за екстремизам. Навални побара повеќе време да ги проучи 196-те записи на случајот. Судијата го затвори рочиштето неколку минути по неговото започнување, одлучувајќи дека рочиштето ќе се одржи зад затворени врати поради деликатни информации.

Навални доби 10 дена за да ги проучи записите. Сѐ уште не е одреден датумот на судењето.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ