„Километарски колони на граничните премини Богородица и Табановце, граѓаните се задржуваат и по неколку часа, „Новите биометриски документи треба да се заменат најдоцна со следната година, за закажување на личен документ се чека речиси два месеци… вака секојдневно изгледаат првите и ударни вести во медиумите.
На повеќе од 40 степени и екстремно жешко време, патниците кои патуваат кон Грција и Србија, заглавуваат и по неколку часа на граничните премини од македонска страна, а граѓаните кои треба да извадат нови документи, за закажување чекаат дури и по два месеци. Подигнувањето во просториите на управните служби трае и по неколку часа. Многу бирократија и непотребни административни процедури.
Гужвите, редиците, нервозата и создавањето метеж се само уште една потврда за нехуманиот однос кој Оливер Спасовски и раководството околу него го имаат кон граѓаните на Македонија, но и кон вработените во Министерството за внатрешни работи. Потребни се нови инвестиции и целосна реорганизација, за да се намали притисокот врз вработените и да се овозможи подобра и поквалитетна услуга и со тоа и побрз проток и помалку нервози за граѓаните.
Идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе инвестира во нова организација и децентрализација, подобра инфраструктура, поголем број и соодветно обучен кадар на граничните премини, управните служби и останатите служби во МВР кои директно работат со граѓаните.
За побрз проток на возила, најоптеретените гранични премини ќе се прошират со нови ленти, и во летниот период ќе се алоцира поголем обучен граничен персонал.
Управните служби целосно ќе се реорганизираат, дигитализираат и децентрализираат, при што дел од документите ќе се издаваат електронски со дигитален потпис. Дополнително, ќе се отворат многу нови станици за издавање лични документи по општините, во Скопје и внатрешноста, граѓаните шест месеци пред истекот на личниот документ со порака ќе бидат информирани за датумот кога тој истекува, а ќе има можност пасошите, личните карти и возачките дозволи да се доставуваат по службена пошта.
Овозможувањето на подобра, поквалитетна и побрза услуга ќе бидат една од главните сегменти на кои ќе биде ставен фокусот за идниот развој на полицијата и Министерството за внатрешни работи. Квалитетни човечки ресурси за квалитетна услуга од која придобивките ќе ги имаат токму граѓаните“, пишува Чулев.