петок, 18 октомври 2024

Најмалку дванаесет загинати во Украина во голем руски бран напади (ВИДЕО)

Дванаесет лица загинаа, а десетици се ранети во бранот руски напади низ Украина.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во руски комбинирани напади, почнати денеска врз неколку града во Украина, има најмалку дванаесет мртви и десетици повредени, а се очекува билансот да расте додека продолжуваат операциите за помош, соопштија украинските власти.

„Околу 15 лица се повредени. Четворица од нив загинаа“ во областа Днепропетровск (централно-источно), изјави нејзиниот гувернер Сергиј Лисак, додека локалните власти пријавија двајца загинати во Киев, двајца во Одеса, еден загинат во Харков (североисток) и уште еден во Лавов (запад).

Зеленски: Русија денеска лансираше околу 110 ракети

Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека, според процените, Русија денеска лансирала околу 110 проектили во најголемиот воздушен напад врз Украина и дека повеќето од нив биле соборени.

Премиерот Денис Шмихал изјави дека денеска Русија ја таргетирала клучната инфраструктура во масовен напад со ракети и беспилотни летала.

Лисак рече дека пожар избувнал во трговскиот центар во градот Дњепар, а оштетени се родилиште и шесткатница.

Украинското Министерство за здравство соопшти дека неидентификувана медицинска установа во градот е тешко оштетена, но сите пациенти и персоналот успеале да најдат засолниште. Две лица загинаа, а најмалку 15 се повредени кога проектил погодил станбени згради во јужниот град Одеса, изјави регионалниот гувернер.

Во Лавов, во руските воздушни напади врз станбена зграда загинало едно лице, а три други биле повредени, според локалните власти. Последните руски напади покажуваат дека на Украина ѝ треба „повеќе помош“, изјави денеска советникот на украинскиот претседател, пренесува Франс прес.

Бранот комбинирани руски напади врз неколку украински градови покажува дека на земјата и е потребна „поголема меѓународна помош“, изјави Андриј Јермак, шеф на кабинетот на украинскиот претседател.

„Правиме сѐ што е во наша моќ да ја зајакнеме противвоздушната одбрана. Но светот мора да види дека ни треба повеќе помош и повеќе ресурси за да го запреме овој терор“, напиша Јермак на социјалната мрежа Телеграм.

Русија потврди „масивен бараж“ врз цели во Украина

Операцијата во текот на ноќта е дополнение на 50-те групни напади спроведени во текот на неделата, објави руското Министерство за одбрана.

Руските сили започнаа серија воздушни напади врз цели во Украина од минатата сабота, вклучувајќи 50 „групни“ напади и еден „масовен“ бараж со прецизни ракети и беспилотни летала, се вели во соопштението на Министерството за одбрана во Москва.

Министерството ги опиша предвидените цели како „локалитети на одбранбената индустрија, инфраструктура на воените аеродроми и складишта за артилериска муниција, поморски дронови, оружје и гориво за воени возила“, како и војнички позиции. Сите беа успешно погодени, се додава во соопштението.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ