сабота, 30 ноември 2024

Националниот џез оркестар на фестивали во Загреб и Сараево

На сцената на Клуб театар комедија-Контеса во Загреб, утревечер ќе настапи Националниот џез оркестар, заедно со солисти од регионот, со што воедно ќе биде отворено есенското издание на „JAZZHR“.

Објавено на

часот

Сподели

Публиката со нетрпение го очекува овој концерт кој ќе понуди богата програма заедно со врвни солистички имиња од регионалната џез сцена.

„Голема чест и задоволство е да го отвориме Хрватскиот џез фестивал. Ветуваме уште еден незаборавен концерт со разновидна и богата програма. Се чувствуваме возбудени и мотивирани од атмосферата со која на дочекаа во Загреб“, вели Гоце Стевковски, директор на НЏО.

Националниот џез оркестар ќе настапи во состав: Трајче Велков, Сенад Усеин, Александар Златески, Јордан Колевски на труби, Сашко Николовски, Филип Богоевски, Енис Мехмедов, Никола Ристевски на тромбони, Борислав Веселинов, Славко Георгиев, Иван Иванов, Валентин Видовиќ на саксофони. Како дел од оркестарот на контрабас ќе настапи и нашиот истакнат џез уметник Мартин Џаконовски Шпато.

Диригент на концертот е маестро Џијан Емин.

Од регионот солисти се Александра Бјелиќ -вокал, Марио Бочиќ-саксофон, Филип Булатовиќ-клавир, Томаж Гајшт-труба, Алба Нациновиќ-вокал, Јанко Новоселиќ-тапани.

Покрај композициите од наведените солисти, ќе бидат изведени и по една композиција на нашите автори Гоце Стевковски и Гордан Спасовски каде како солисти ќе се претстават Гордан Спасовски, Виктор Филипински, Зоран Костадиновски и саксофонистот Кирил Кузманов кој на годинешниот Скопскиот џез фестивал ја доби наградата за најдобар џез музичар.

Хрватските медиуми го најавуваат почетокот на „JAZZHR“ (25-27 октомври) како извонредна можност да се слушне  Националниот џез оркестар кој летово со своите настапи го разбранува хрватското крајбрежје.

По концертот на овој фестивал, Националниот џез оркестар ќе настапи на Сараевскиот џез фестивал на 6 ноември, а кој е веќе однапред распродаден.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ