Насилството на Западниот Брег ескалира по почетокот на војната меѓу Израел и Хамас, кој владее со друга палестинска територија, Појасот Газа.
Израелските сили често навлегуваат во окупирана територија, вклучувајќи го и екстремистичкото упориште Џенин и блискиот бегалски камп.
„Во бомбардирањето на окупаторите врз група граѓани, шест лица загинаа во Џенин“, соопшти Министерството за здравство на палестинската управа со седиште во Рамала.
Една израелска полицајка е убиена за време на операција во бегалскиот камп Џенин, соопшти армијата, додавајќи дека уште тројца полицајци се повредени.
Засега не е јасно дали Палестинците и израелската полицајка загинале во текот на истата операција.
Палестинската новинска агенција Вафа рано утринава објави дека големи израелски сили се распоредени во Џенин и дека шест Палестинци, од кои четворица браќа, загинале во напад на израелско беспилотно летало.
Израелските воени напади во Џенин често предизвикуваат судири меѓу војниците и палестинските екстремисти. Армијата тврди дека цели на „терористи“ во рациите, палестинското Министерство за здравство вели дека голем дел од жртвите се цивили.
Западниот Брег е под израелска окупација од Шестдневната војна во 1967 година.
Од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас, според палестинското Министерство за здравство, најмалку 327 лица се убиени на Западниот Брег. Тие биле убиени од израелски војници и еврејски доселеници.