четврток, 31 октомври 2024
Во Основниот суд во Охрид

На судењето за случајот со Пендиков се изведуваа докази на одбраната

Со изведување докази на одбраната денеска продолжи процесот што пред Основниот суд во Охрид се води за случајот со нападот врз Христијан Пендиков, секретар на поранешниот бугарски културен клуб во Охрид.

Објавено на

часот

Сподели

Прв на судската говорница беше повикан да сведочи Гоце Спасески, татко на првообвинетиот во предметот, кој одговарајќи на прашања на застапникот на одбраната Димитрија Цобоски, меѓу другото пред Судот презентираше доказ дека е непосреден учесник во спасувањето на преживеаните во бродската несреќа на Охридското Езеро од 5 септември 2009 година, кога при потонувањето на бродот „Илинден“ животот го загубија 15 туристи од Република Бугарија. Заради неговиот личен продонес во спасувањето тој од бугарската држава е одликуван со орден за заслуги.

Одбраната предложи како доказ во предметот да биде вметната и видео-снимка од интервју што оштетениот Пендиков ја дал за бугарска национална телевизија, на што Обвинителството се спротивстави од неколку причини, пред се поради тоа што  не е утврдено дали се работи за целосна снимка или само извадоци од изјавата на оштетениот.

Судијата Бојан Мартиноски, кој го води предметот ја задолжи одбраната за следното рочиште што го закажа за 4 декември да обезбеди превод на целата изјава на македонски јазик, а за тоа дали истата ќе биде внесена како доказен материјал Судот ќе решава дополнително.

По денешното рочиште адвокатот Цобоски за медиумите рече дека барањата на одбраната и конкретно за посочената снимка од гостувањето на Пендиков на бугарската телевизија се во насока на заложбите за изнесување на сите релеватни докази, што според она што го рече, ќе придонесе за утврдување на фактичката ситуација по однос критичниот настан.

„Тоа значи рамноправност на сите докази, нивно споредување, а Судот врз основа на контрадикторните изјави ќе ја утврди вистината. Ако дозволи Судот да се репродуцира таа снимка ќе видите што изјавува оштетениот на односната снимка за тој настан, а што изјавува после гледањето на видео-снимката што ја предложи затапникот на обвинението“, рече Цобоски.

Стефан Камишевски, адвокатот на оштетениот, за односната изјава на Пендиков и видео-снимката, рече дека истата не е докажано дека е релевантна оттаму што нема потврда за нејзината автентичност.

„Постои институција што може да потврди дали тоа е автентична снимка…Она што е битно е дека исказот што Пендиков го дал пред Судот и пред полициските службеници непосредно по случувањето на критичниот настан се идентични. Кажувањата, гостувањата пред медиуми не е релевантно…тоа е приватна работа“, рече Камишевски.

Инцидентот со Христијан Пендиков се случи на 19 јануари минатата година пред угостителски објект на Кејот на езерото во Охрид, за што директно се обвинети Илија Спасески од Охрид и Борче Ангелов од Битола. Застапникот на Пендиков во процесот пред Судот најави оштетно побарување заради претрпените физички повреди.

Случајот предизвика тензии во односите меѓу Софија и Скопје. По неговото лекување во Бугарија, Пендиков доби и бугарско државјанство што тогаш лично му го врачи потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ