вторник, 22 октомври 2024

На ОМД не ѝ пречат уставните измени ама само ако Бугарија ги внесе Македонците во нивниот Устав

Објавено на

часот

Сподели

Осврнувајќи се на прашањето за уставните измени, Митрески истакна дека на ОМД не ѝ пречи да се промени македонскиот Устав,  но, како што рече, под важен услов истото да се случи со воспоставување на реципроцитет и да се промени Уставот на Бугарија, со внесување на македонското малцинство. 

Методија Колоски, претседател на ОМД рече дека нивна цел и мисија е обединување на македонската дијаспора.

„Целта е што повеќе да се прошири мрежата на ОМД низ цела Македонија, оти сепак македонската дијаспора е клучниот партнер со татковината, 18 до 20 проценти од БДП доаѓа од дијаспората така  што сакаме што повеќе тоа да се зголемува и македонската дијаспора да стане уште поголем инвеститор, не само во давање средства на роднини и пријатели, туку и инвестирање во локалното општество“, рече Колоски.

Спомена неколку проекти на кои работат меѓу кои зголемување на Групата за пријателства на Македонија во конгресот на Америка, но исто така и во Собранието во Канада, во Австралија.

Како што наведе, повторно ќе имаат неколку резолуции во Конгресот каде што ќе се одбележува септември како месец на Македонците – Американци, Македонци – Канаѓани, Македонци -Австралијани.

„Тоа е месец одбран токму поради Денот на независноста, 8-ми Септември. Но и повеќето македонски фестивали во дијаспората се случваат токму во тој период“, додаде Колоски.

Тој потсети дека минатата година ОМД обезбеди донација од над 500 илјади долари медицинска опрема за Универзитетската клиника за кардиологија во Скопје и најави дека оваа година ќе достават слична донација со медицинска опрема во Битолската болница.

„Мораме што повеќе да инвестираме во образованието, културата и здравството“, рече Колоски.

Независноста на државата, демократијата и мултиетничката коегзистенција, се трите најголеми македонски достигнувања, а дијаспората има значаен удел во секое од нив, рече шефот на државата Стево Пендаровски од симпозиумот на ОМД и испрати порака дека на Македонија ѝ се неопходни геополитичка безбедност, правна сигурност и економска одржливост.

Неспорен е фактот дека голем дел од придобивките и добрите практики што ги имаме, се донесени токму благодарение на успешните сонародници, желни да ја видат својата прва татковина успешна и развиена, рече Пендаровски во обраќањето на првиот Македонски симпозиум што го организира Обединетата македонска дијаспора (ОМД) во Скопје.

Како што истакна Пендаровски, борбата на илинденците и на учесниците во НОБ беше за слобода и за човечки правдини, а нашата борба во 21-от век е за развиена и просперитетна македонска држава во која граѓаните ќе имаат шанса да ги остварат своите животни идеали. 

 „Само со помош на дијаспората и со заеднички напори на сите Македонци во светот ќе можеме да ја постигнеме целта и да изградиме држава што со гордост ќе можеме да ја наречеме наш заеднички дом“, потенцира претседателот.

Македонските иселеници, оцени шефот на државата, никогаш не биле пасивни набљудувачи на процесите, туку активни чинители, а особено е важно што нивниот интерес не се сведува на некаква пасивна носталгија, туку е пример за активен ангажман и волја за вклучување во современите процеси во татковината.

„Дијаспората лобираше за признавање на независноста на македонската држава, за воспоставување дипломатски односи со многу земји во светот и за интензивирање на билатералните односи меѓу нивната прва и втора татковина. И денеска вие, припадниците на дијаспората, продолжувате да ги застапувате нашите интереси, да отворате врати за билатерална соработка и да придонесувате за меѓународна афирмација на државата“, подвлече Пендаровски.

Според него, за трите најголеми постигнувања на македонската држава да продолжат да опстојуваат и да бидат платформа за натамошен развој и просперитет на сегашните и идните генерации, неопходни се три услови: геополитичка безбедност, владеење на правото и динамичен економски раст и развој.

Тој порача дека дијаспората треба да продолжи да лобира за заокружување на нашите европски интеграции, да внесува добри бизнис практики, да кофинансира развојни и проекти за општествена одговорност.

„Токму оваа тријада на геополитичка безбедност, правна сигурност и економска одржливост е најголемата гаранција дека ќе достигнеме многу поголем економски развој, повисока доверба во институциите и што е особено важно, драстично помало иселување на младите“, истакна претседателот.

Во обраќањето, тој се осврна и на програмата „Родум од Македонија“, а го цитираше и Горан Стефановски.

-Познатиот американски историчар на емиграцијата, Маркус Хансен стана познат по тезата дека во секоја дијаспора, третата генерација се обидува да го открие она што втората генерација се трудела да го заборави. Меѓутоа, македонската дијаспора го побива овој принцип бидејќи, не само што немало обид да го заборави своето македонско потекло, туку, тоа, како најголема вредност го пренесува од колено на колено. Потврда за тоа се и младите иселеници кои се дел од програмата „Родум од Македонија“ и кои изминативе две недели беа практиканти во повеќе македонски институции и компании. Горан Стефановски велеше, минувањето време во татковината е трансформативно искуство, бидејќи тука е изворот на македонскиот идентитет, на нашата приказна, рече шефот на државата кој ја најави и својата претстојна посета на Пустец.

Гордан Јорданов, директор на ОМД за Македонија, соопшти дека на симпозиумот ќе бидат претставени теми за младите, жените, руралните средини, потенцијалите на државата…

„ОМД симпозиумот ќе претстави неколку теми, каде што ќе пробаме да дадеме акцент на младите, на жените и како треба да се постапува со нив и како Македонија да ја направиме поубава држава заедно со сите млади. Ќе спомнеме за руралните средини и потенцијалите кои што Македонија ги нуди со сите свои природни убавини, како и неколку други теми за тоа каде се наоѓаме како држава на глобално ниво, но исто така и сите начини за едукација, инвестиции и пензионирање во Македонија“, рече Јорданов. 

Дел од симпозиумот, како што најави, ќе биде и промоција на книги од членови од дијаспората, како и  завршен настан за Програмата наменета за студенти „Родум од Македонија“, во која оваа година учествуваат 11 студенти од Америка, Канада, Австралија и Босна и Херцеговина.  

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ