Покажавме уште еднаш, на сосема нов начин дека различностите се нашето богатство, велат од тимот на ЗЕН
Здружението Икуалити и Зен футурус, со поддршка на Македонската асоцијација за мода, ги проширија хоризонтите на скопската модна култура, промовирајќи високи вредности на општествена инклузија и отворено општество преку настанот ZEN инклузивно Soirée.
Настанот ZEN инклузивно Soirée приреди уникатно културно и модно искуство, во кое 31 лице со попреченост продефилираа на моднатa ревија презентирајќи ја првата колекција на ZEN* – адаптирана гардероба. Овој културен настан беше надополнет со префинета музичка програма, кулинарско уживање и ексклузивна изложба на портрети на лицата со мисија со општествени пораки упатени за поголемо вклучување и сеопфатна општествена одговорност.
Преку модната ревија, беше официјално промовиран и брендот ЗЕН, основан од страна на здружението Икуалити и компанијата ЗЕН футурус со општествена мисија – да пружи поддршка на лицата со попреченост, да го трансформира дотерувањето од фрустрација во задоволство, да влијае на квалитетот на животот, самодовербата и подигнување на нивото на нивната животна независност. Во креирање на колекцијата главни актери беа лицата со уникатни способности, директно вклучени во процесот на моделирање и создавање на колекцијата на адаптирана гардероба изработена по индивидуална мерка и подарена во целост на овие лица.
ZEN Инклузивно Soirée – инклузивна модна ревија e поддржанa од проектот на Владата на Швајцарија „Образование за вработување”, имплементиран од Хелветас.