Најавата на македонските владини претставнци дека таканаречената „црна листа“ на САД ќе стане дел од македонското законодавство не е нова.
Така, вицепремиерката Грковска во декември 2023 година го информирала координаторот на Стејт департментот на САД за глобално спречување на корупцијата, Ричард Нефју, дека е во тек подготовка на законско решение, кое ќе биде врзано со листата на санкции на САД, а кое ќе обезбеди конкретен вид санкции. Пред една недела пак, на средба со новинрите, министерот Османи најави измени на Законот за рестриктивни мерки.
„Тоа што го предлагаме со овие измени на законот е да се додадат како основа за воведување рестриктивни мерки од страна на државата и правните акти на САД и на Обединетото Кралство, што значи покрај Советот за безбедност, Европската Унија, сега и правните акти на САД и Обединетото Кралство се валидна основа за воведување рестриктивни мерки. Јавното обвинителство законски се обврзува веднаш да почне кривична постапка, вклучувајќи и конфискација на имот, и доколку истрагата заврши со подигнување обвинение, се воведуваат два нови инструменти, привремено престанување на вршење јавна функција и забрана за учество во процесот на јавни набавки сѐ до правосилна судска одлука“, изјави тогаш Османи.
За адвокатот Јанаки Митровски, кој единствен се одѕва на нашите барања за став по ова прашање, ваквите најави се голем пораз за македонскиот правосуден систем, за државата, па и за граѓаните.
„Што беше досега пречка за државата, преку системот на присила над кој има монопол, да ги санкционира коруптивните актери? Нормално, прашањето е реторичко бидејќи властодршциите кај нас традиционално се главни генератори на корупција и директен или индиректен партнер на криминалниот елемент, кој го контролираат, го рекетираат или обете. Ова е само алиби пред меѓународните партнери. Ако Македонија сака да биде сериозна држава, а сѐ помалку е, не ѝ треба некој од страна условно речено да ја принудува на вакви чекори со дипломатски притисок“, вели Митровски.
За изјавата на премиерот Димитар Ковачевски дека не може некој од сабајле да се фали дека е најдобар другар со САД, а попладне да прави сѐ спротивно на нив, Митровски вели дека со таа изјава премиерот веројатно говори за самиот себеси.
„Кога вели дека не може наутро да се говори дека сме за САД, а попладне да се прави сѐ обратно, имајте на ум дека говориме за човек што му додели државна земја по багателна цена на правен ентитет во сопственост на сопругата, за потоа да му додели пари на истиот тој ентитет. Ковачевски е печен за црната листа“, смета адвокатот Митровски.
Македонија веќе има свој закон за санкционирање граѓани и фрими
Македонија има свој закон за санкционирање граѓани и фирми, од 2011 година, прво наречен Закон за меѓународни рестриктивни мерки, а со измените до 2018 година преименуван како Закон за рестриктивни мерки.
Според Законот за рестриктивни мерки од 2018 година, рестриктивни мерки се мерките чија цел е одржување на меѓународниот мир, безбедноста, почитувањето на човековите права и основните слободи и развојот на демократијата и владеењето на правото.
Законот пропишува дека мерките може да се воведат, да се изменат или да престанат да важат врз неколку основи.
„Мерките се воведуваат, се изменуваат или престануваат врз основа на правно обврзувачки резолуции на Советот за безбедност на Обединетите нации, на правни акти на Европската Унија и на други меѓународни организации во кои членува Република Македонија во согласност со меѓународното право, врз основа на барање од надлежен орган на друга држава за воведување, изменување или престанување на важење на финансиски мерки против тероризам и/или пролиферација или други акти согласно со овој закон“, пишува во Законот за рестриктивни забрани.
Законот предвидува рестриктивните мерки да може да се применат кон една или повеќе држави, меѓународни организации, граѓани, фирми, групи и/или различни други организации.
Рестриктивни мерки може да бидат ембарго на стоки и услуги, ембарго на оружје, забрана за влез во Република Македонија, финансиски мерки и други мерки согласно со меѓународното право.
Токму заради ова, адвокатот Јанаки Митровски вели дека со измените на Законот за рестриктивни мерки што ги најави министерот за надворешни работи Бујар Османи се врши упад во правниот систем на Македонија, особено во работата на Јавното обвинителство, кое според најавените измени ќе мора да започне истрага против граѓани и фирми што ќе се најдат на „црната листа“ на САД.
„За жал Македонија де факто, а со овие измени веќе и де јуре, сѐ повеќе наликува на меѓународен протекторат отколку на држава. Едно е да се воведуваат рестриктивни мерки по задолжителни резолуции на Советот за безбедност, друго е по црни листи на САД, кои се нeобврзувачки акти. Ќе посочам еден парадоксален пример: во 2018 година за аферата Телеком имаше спогодба со признавање на вина на обвинителството во САД со Маѓар телеком, а кај нас предметот по 12 години судење застари. Да не го занемариме и недостигот од политичка култура кај нас и фактот дека ова можеби ќе се користи и за политички пресметки. Крајно, нашето обвинителство, раководено од Љубомир Јовевски, можело и досега по пат на меѓународна правна помош да бара да им се достават докази од САД или друга земја и да отворат истрага. Механизми има, волја нема“, оценува Митровски.
Законот Магнитски и македонскиот правосуден систем
„Црната листа“ на САД е неформален правен акт и како таков во други држави не може да произведе правни последици освен во САД. „Црната листа“ произлегува од таканаречениот Закон Магнитски.
Во САД, Законот Магнитски (Magnitsky Act) е усвоен во 2012 година со потпишувањето на овој акт од страна на тогашниот претседател Барак Обама. Актот е збир од закони што предвидуваат владини санкции против странци што извршиле прекршување на човековите права или биле вклучени во значителна корупција. Сергеј Магнитски бил руски сметководител што во 2008 година открил даночна афера на руски службеници, кои според него украле 230 милиони долари. Поради тоа тој бил уапсен и затворен под обвинение за помагање во даночно затајување. Магнитски умрел во притвор во ноември 2009 година. Неговите приврзаници тврдат дека причина за смртта е полициска бруталност, односно дека Магнитски бил претепан до смрт од затворската полиција.
По примерот на Соединетите Американски Држави, вакви и слични закони се донесени меѓу другите и во Обединетото Кралство, Естонија, Латвија, Косово, Гибралтар, Канада, Австралија. Заедничко за сите овие закони е што тие санкционираат странци и странски фирми или, како примерот со Канада, која ги санкционира и Канаѓаните, но само оние што живеат во странство.
Митровски, освен што ги оценува најавите на Грковска и Османи како упад во македонскиот правен систем, вели дека ова отвора и други прашања.
„Првото и главно прашање е дали сме држава или не сме. Дополнително, помалку навредливо е ова прашање да го отвора кадар на партија што е ноторно коруптивна и која само во последниве две години ја следеа дузина суперкоруптивни скандали. Партија чија ударна тупаница во Струга заврши на црната листа, а тие немаа доблест да му побараат да даде оставка. Рибата смрди од главата, па така кога Грковска, Османи или Ковачевски ни говорат како ќе се справеле со корупција, јас тоа го доживувам како некој да ме плука во лице и притоа и ми се смее“, заклучува адвокатот Митровски.
По најавата за вметнување на „црната листа“ на САД во македонското законодавство во јавноста речиси и нема ниту реакции ниту дебата иако, на последната средба со новинарите, министерот Османи најави дека јавна дебата ќе биде дополнително организирана.
Засега освен адвокатот Митровски, со став јавно излезе организацијата Нов АСНОМ.
Оттаму сметаат дека најавата на министерот Османи „уште еднаш покажува дека тој не го познава уставно-правен поредок на Македонија“.
„Министерот за надворешни работи не е овластен, ниту надлежен, за преземање и вклучување на вакви мерки во Уставот на нашата суверена македонска држва. Ваква активност, давање законски решенија за примена на мерки на странски држави во нашата македонска држава, не е позната во меѓународното право и меѓународниот правен поредок. Со ваквите мерки, кои министерот јавно ги предлага, го урива уставно-правниот поредок на македонската држава. Исто така, со ваква негова незаконска активност ја подведува нашата држава со статус на понижена држава-протекторат, која им служи на странски, туѓи интереси“, сметаат од Нов АСНОМ.
Според нив, криминалот што го детектираат САД, Обединетото Кралство, како и кои било други држави, а се однесува на Македонија, треба да се решава на билатерално ниво меѓу државите во соработка со македонското Министерство за внатрешни работи и Државното јавно обвинителство во македонската држава.
Искра Опетческа