среда, 30 октомври 2024

На годишнината од атентатот на Хитлер, Шолц повика на одбрана на демократијата

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска во Берлин повика на борба за зачувување на демократијата по повод 80-годишнината од неуспешниот атентат врз Адолф Хитлер.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Обидот за соборување на власта на 20 јули 1944 година беше неуспешен. Но, целите на отпорот беа постигнати… Постои спротивност на нацистичка Германија, поинаква, подобра Германија: слободна, демократска и во која на сила е владењето на правото“, рече канцеларот Шолц на комеморацијата на годишнината од неуспешниот атентат врз лидерот на нацистичка Германија.

Шолц (Социјалдемократска партија на Германија СПД) рече дека денес граѓаните на Германија не мора да прават херојски подвизи за да ја бранат демократијата, но додаде дека демократијата живее од напорите на секој поединец.

„Демократијата живее од тоа сите да се ангажираат и да се спротивставуваат на екстремизмот и омразата“, рече Шолц, додавајќи дека сите оние кои се борат против демократијата „ќе го искусат нашиот отпор“.

Тој укажа и на војната што Русија ја води против Украина и гарантираше поддршка за Украинците. „Оваа, 2024 година, не можеме да се присетиме на настаните од 20 јули 1944 година без да помислиме на храбрите граѓани на Украина кои повеќе од две години се спротивставуваат на руската криминална војна“, рече германскиот канцелар.

На 20 јули, Германија ја слави годишнината од неуспешниот атентат врз Адолф Хитлер. Водачот на бунтот, офицерот од Вермахт грофот Клаус Шенк фон Штауфенберг, беше застрелан по неуспешниот обид за атентат врз Хитлер во неговиот штаб Волфшанц, кој сега се наоѓа во Полска. Заедно со Фон Штауфенберг, нацистичкиот режим погуби околу двесте учесници во заговорот во месеците по неуспешниот атентат.

Денешната комеморација во т.н Бендлер блок, каде што беше застрелан Фон Штауфенберг, присуствуваа претставници на сите германски уставни тела, а венец положи и претседателот на Германија Франк-Валтер Штајнмаер.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ