На денешен ден во 1992 година беше создадена Сојузна Република Југославија, наследничка на најголемата, социјалистичка Југославија.
Оваа скратена Југославија во 2003 година беше преименувана во Србија и Црна Гора.
Новата Југославија прво остана без црвената ѕвезда на знамето. Химната остана иста „Хеј Словени“, но грбот беше сменет, наместо шест факели се појави двоглав орел со српски крстови и лавови, пишува Н1.
СРЈ е создадена три недели по почетокот на крвавата граѓанска војна во Босна и Херцеговина, а еден месец подоцна, поточно на 30 мај, беа воведени санкции од Обединетите нации, кои беа поддржани од сите членки на Советот за безбедност.
Тие вклучуваа целосно меѓународно економско ембарго, забрана за трговски и платежни трансакции, целосна забрана за летање на авиони кон и од СРЈ, забрана за сервисирање на авионите регистрирани во СРЈ, намалување на дипломатското присуство во Белград, забрана за учество на спортски екипи, па дури и поединци, под знамето на Југославија, суспензија на научно-техничката соработка. СРЈ беше суспендирана од Обединетите нации.
Последиците од санкциите во истата година доведоа до неконтролирано печатење пари и хиперинфлација, која пустошеше во текот на 1992 и 1993 година, соборувајќи многу рекорди, како што е инфлацијата во германската Вајмарска Република во 1920-тите.
Платите се движеа од две, три, па до 10-20 марки, а рекордната дневна инфлација беше забележана во јануари 1994 година и изнесуваше 62 отсто.
Последица на тоа, освен обезвреднетите пари, а и покрај деноминацијата се дојде и до банкнота од 500 милијарди динари, имаше целосно празни дуќани. Лебот, млекото и други прехранбени производи беа недостапни, односно ги немаше.
Парадоксот беше толку голем што некои семејства преживуваа со хуманитарната помош што ја добиваа бегалците – членови на семејствата од подрачјата зафатени од војна. Се проценува дека во СРЈ влегле меѓу 600 и 800 илјади бегалци. Многумина се сеќаваат на делењето леб на Плоштадот на Републиката во Белград и тепачката за него.
Првите години на СРЈ беа обележани и со грабеж на граѓаните извршен преку пирамидалниот штеден систем, пред сѐ преку Југоскандик и Дафимент банката, како и со мафијашки престрелки, особено во Белград. Насилството беше сеприсутно. Еден од новитетите беше појавата на турбофолкот. Мешавина на домашна фолк-музика и електроника.
Со потпишувањето на Дејтонскиот договор, со кој заврши војната во Босна и Херцеговина, следуваше малку помирен период, а во почетокот на 1996 година беа укинати дел од санкциите. Сепак, бензинот во Југославија сè уште беше убедливо најскап во Европа. Во тоа време се искачи на шест германски марки за литар.
Една година по завршувањето на војните во Хрватска и Босна и Херцеговина, во Белград почнаа демонстрации поради изборната кражба, кои траеја со месеци. Соборен беше светскиот рекорд за должина на големи демонстрации. Граѓаните на Србија во текот на зимата двапати дневно излегуваа на улица – на студентски и партиски маршеви, сѐ до признавањето на изборните резултати.
Но мирот не траеше долго, бидејќи во април 1998 година имаше оружени напади на Косово, а истата година беа повторно воведени санкциите поради конфликтот на Косово, но важеа само за Србија.
Се воведе злогласниот Закон за информирање, беа затворани медиуми, а на Универзитетот се случи чистка, како одмазда за демонстрациите во 1996/97 година.
По една закана во есента 1998 година, една година подоцна се случи бомбардирањето, кое траеше од март до јуни, а по потпишувањето на Кумановскиот договор ЈНА и полицијата ја напуштија територијата на Косово.
Санкциите останаа.
Во летото 1999 година, обидот за обединување на опозицијата во Србија доживеа фијаско, но тоа се промени една година подоцна со цел да се собори од власт Слободан Милошевиќ, кој во меѓувреме беше обвинет за воени злосторства од меѓународниот суд во Хаг.
Противкандидат на Милошевиќ му беше Воислав Коштуница, кој победи во првиот круг. Обидите на властите да ги фалсификуваат изборите, како и во 1996 година, резултираа со блокада на Србија, а на 5 октомври стотици илјади луѓе во Белград го урнаа режимот.
Потоа следуваше укинувањето на санкциите и отпишувањето на голем дел од долгот на практично банкротираната земја. Југославија беше повторно примена во меѓународните институции како Обединетите нации, ОБСЕ, ММФ, Интерпол…
Сепак, на крајот на 2000 година почна уште еден оружен бунт на Албанците, овојпат во општините Прешево, Бујановац и Медвеѓа, кој беше решен со формирање копнена безбедносна зона на границата на Србија и Косово.
Во тие години Југославија блескаше во кошаркарскиот свет. Таа ги освои европските и светските првенства, а на Мундобаскетот ги победи Американците на домашен терен.
Со олимпиското злато на одбојкарите во 2000 година и победата на кошаркарите во легендарното финале на Европското првенство во 1995 година, тоа беа најголемите спортски успеси во СРЈ.
Сепак, дури и по падот на Милошевиќ и враќањето во меѓународните институции, Црна Гора сѐ повеќе инсистираше на поголема независност. Патот до независноста на Црна Гора беше преуредување на заедницата. По една година преговори, Југославија исчезна, а на 4 февруари 2003 година беше создадена државната заедница Србија и Црна Гора, која траеше три години.