На поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро му е забрането да се кандидира за реизбори во траење од осум години поради однесувањето на минатогодишните избори.
Четворица од седумте судии на највисокиот изборен суд во земјата се согласија дека десничарскиот лидер го злоупотребил своето овластување користејќи владини комуникациски канали за да ја промовира својата кампања и да ја поткопа довербата на јавноста во гласањето.
Поранешниот претседател, кој загуби од екстремниот левичар ривалот Луис Инасио Лула да Силва, беше обвинет дека се обидел да го отфрли изборниот резултат во кампањата што кулминираше со инвазијата на владините згради во Бразилија на 8 јануари од страна на илјадници негови поддржувачи.
Болсонаро ги негираше обвинувањата.
„Јас не го нападнав системот на гласање. Ги покажав само неговите можни недостатоци“, рече тој во петокот пред пресудата.
Жаир Болсонаро има можност да поднесе жалба до Врховниот суд. Аналитичарите посочија дека неговата политичка кариера на највисоко ниво би можела да биде завршена.
„Оваа одлука ќе стави крај на шансите на Болсонаро повторно да биде претседател, и тој тоа го знае. После ова, тој ќе се обиде да избегне затвор, да избере некои од своите сојузници за да го задржи својот политички капитал, но тешко дека некогаш ќе се врати на претседателската функција“, рече Карлос Мело, професор по политички науки на Универзитетот Инспер во Сао Паоло.