Во МСУ – Скопје во тек е меѓународното 14.Биенале на млади уметници „Будења“, каде може да се погледнат дела од 38 млади уметници.
Куратори на изложбата се Ива Димовски, Бојана Јанева и Никола Узуновски.
„Годинашната тема „Будења“ се осврнува кон процесите на соочување и мечтаење и има за цел да ги поттикне младите автори да ги изразат своите размислувања, не/сигурности, не/согласувања, не/задоволства, мечти и амбиции при соочувањето со личните и општествените промени. Темата на Биеналето има за цел да го истражи и претстави процесот и промената, дејството и почетокот – оттаму, будењата како одговор на прашањата: Како младите уметници кои излегуваат од границите на семејството и образовната институција се соочуваат со општествените проблеми и предизвици? Што прават младите кога ќе се разбудат во свет во кој не се заштитени како порано? Како сонуваат во свет кој по тригодишна изолација конечно ги отвора вратите за уметничко изразување и дејствување?. Напуштањето на комфорната зона при завршувањето на образованието или осамостојувањето од семејството, почетокот или промената на кариера или пак наметнатите околности, кои произлегоа од глобалната пандемија и рестрикциите, го носат во себе аспектот на двојството. Од една страна, нивното настанување е ограничувачко, а од друга, нивниот процес е ослободувачки“, велат од МСУ – Скопје.
Музејот ќе работи во своите редовни термини од 10 до 17 часот.