Премиерот на Албанија, Еди Рама, по владина седница изјави дека одлуката ќе биде донесена по консултации со родителите и наставниците.
„Дилемата е дали треба да се обидеме да се движиме во насока на поставување на филтери, кога всушност од сите искуства сме научиле дека ефективноста е сè уште многу мала. Или да преземеме драстични мерки за целосно затворање на ТикТок и Снепчет во Албанија“, изјави Рама.
Убиството на 14-годишното момче се случило на 18 ноември во центарот на Тирана од страна на негов врсник, а сторителот потоа бил уапсен.
По убиството беше објавена слика на авторот на која му се гледа рана на раката и на која тој е со крената тупаница. Оваа слика им ја испратил на своите пријатели на мрежата Снепчет. Во меѓувреме, неколку дена пред злосторството тој на истата мрежа објавил слики на која во рака држи нож.
По убиството, на Тикток кружеле различни видеа на кои млади луѓе се изјасниле „за“ убиството.
Социологот и универзитетски професор Али Пајазити за Порталб.мк вели дека социјалните мрежи се моќна деструктивна сила, ако истите се користат без контрола. Според него, незрелата категорија на луѓе ги зема нив здраво за готово, не ги знаат нивните гревови, нивните ултра-негативни аспекти.
„Тие се фаќаат само со забавниот аспект, на „губење на времето“, а полека се убиваат како личност и од духовен аспект, стануваат десоцијализирани и прифаќаат девијантни однесувања. Затоа, земјите кои имаат осет за заштита на генерациите воведуваат рационални мерки за да ги ограничат можностите за нивно користење, нормално колку што е можно повеќе, бидејќи нивното целосно затворање е невозможно“, вели Пајазити.
Но, Владата на Македонија не одговори на прашањата на Порталб.мк во врска со тоа дали планираат ограничување на ТикТок и Снепчет за младите.
Од Форумот за образовни промени велат дека, во принцип, се против секаков вид на ограничување или забрани, вклучително и забраната за користење на социјалните платформи.
„Но, во овој момент не е важно кој е за, кој е против, бидејќи такво нешто не е ни практично изводливо, со развојот на технологијата денес, ако се забрани една социјална платформа, утре самите млади ќе создадат уште десет, што е уште поштетно“, велат од ФОП.
Од таму додаваат дека строгите мерки кои вклучуваат забрани и ограничувања треба да бидат последни на списокот на институциите.
„Да почнеме со зголемување на безбедноста во училиштата, особено во основните училишта, училишните психолози да почнат да ја оправдуваат платата што ја земаат, да соберат храброст и да се откажат од играње игри на мобилните телефони по цел ден, да го зајакнеме нашиот образовен систем затоа што секој ден произведуваме неписмени луѓе, кога сите овие и некои други мерки нема да функционираат, можеме да седнеме и да разговараме за нешто порестриктивно“, велат од ФОП.
Експертот за ИТ-технологија Локман Муслиу за Порталб.мк објасни дека за спроведување на една ваква забрана ќе бидат потребни инвестиции во технолошката инфраструктура за следење и блокирање на пристапот до овие платформи.
„Ова опфаќа употреба на филтери и системи за мониторирање кои може да бидат скапи и технички предизвикувачки за ефективно имплементирање (на пример, тие сè уште можат да пристапат до социјалните мрежи со VPN)“, вели Муслиу.
Тој, исто така, објаснува дека ваквата мерка може да наиде на противење од оние кои сметаат дека забраната е повреда на личната слобода и дека едукацијата за безбедно користење на социјалните медиуми претставува едно поефикасно решение.
„Наместо целосна забрана, владата би можела да разгледа алтернативни мерки, како што е едукацијата за сајбер безбедност, создавање на механизми за пријавување на онлајн малтретирање и зајакнување на правилата за користење на социјалните медиуми од страна на децата. Ова би им помогнало да ги разберат ризиците без целосно ограничување на пристапот до информации“, вели Муслиу.
Во мај 2023 година, по трагедијата која се случи во Белград, Србија, каде што 14- годишен ученик уби осум негови соученици и чуварот на училиштето, а рани и многу други, во Македонија почна да се дискутира за забранувањето и ограничувањето на мрежата Тикток и на другите социјални мрежи кои поттикнуваат насилство.
Ова првично го предложи Моника Зајкова, претседателка и пратеничка од Либерално-демократската партија (ЛДП).
Во тоа време, тогашниот министер за образование Јетон Шаќири најави дека на Владата и на безбедносните органи ќе им предложи итна проценка на состојбите и безбедносните ризици кои во голема мера се поттикнати од некои социјални мрежи, како што е Тикток. Тој го спомена и ограничувањето или забраната на социјалните мрежи во училиштата.
Во меѓувреме, од Министерството за информатичко општество соопштија дека конечен став за ваквата мерка може да следи само по координирана активност на правните институции и другите образовни и безбедносни институции во државата.
Граѓанскиот сектор тогаш изрази скептицизам за можната најавена забрана на мрежата Тикток.
Меѓутоа, оваа тема за неколку дена падна во заборав и оттогаш не е направено ништо конкретно.
Потсетуваме дека во Македонија се регистрирани неколку алармантни случаи на Тикток предизвици.
Во текот на 2022 година млада девојка претрпе изгореници при струен удар откако се качила на вагон за да се слика, при што вагонот се подвижил и се приближил до електричната мрежа.
Алармот во 2022 година се вклучи и за Тикток предизвикот во кој младите лежат на улица сè додека до нив не се доближи првото возило, а потоа бегаат.
Порталб.мк веќе пишуваше за користењето на социјалните мрежи од страна на младите во земјава. Според експертите, депресијата и анксиозноста кај младите се последица на злоупотребата на социјалните мрежи.
Алармантни случаи на ТикТок предизвици од се регистрирани и на Koсово.