Реформската агенда е дел од Планот за раст на Западен Балкан од 6 милијарди евра, од кои земјава треба да добие 750 милиони евра, додека првата транша во износ од 52,5 милиони евра се очекува да стигне до крајот на годинава.
Тој појасни дека исплатите според Инструменот за реформи и раст се условени со исполнување на одредени критериуми, што значи дека реформата прво треба да биде спроведена врз основа на одредени стандарди и преку почитување на одредени квалитативни и квантитативни чекори за да можеме прво да побараме исплата и истата да се одобри.
Муртезани појасни дека исплатата може да се прави два пати годишно, бидејќи сите реформи се поврзани со датуми, во јуни и декември во текот на една година. Нагласи дека во случај на негативна оценка од страна на ЕК, односно проценка на ЕК за неисполнување на одредени услови, според претходно утврдени индикатори, ослободувањето на средствата ќе биде блокирано, односно предвидениот „прајс таг“ за таа реформа нема да се исплати сè додека не се исполнат реформите.
Министерот ја гледа слабата алка во имплементацијата на Реформската агенда, односно во апсорпциониот капацитет на средствата. Истакна дека некои од министерствата не се во соодветна кондиција. Некаде недостасува професионален кадар, некаде има недостиг на кадар, некаде не се усогласени или погрешно стуктуирани и сето ова, според него, може да предизвика проблеми при апсорпцијата на средствата.
„ Најголемата главоболка е структурата за имплементирање на Реформската агенда. Како Министерство добивме одредени генерални насоки за тоа како треба да изгледа целата структура на следење, мониторинг, евалуација…Оваа структура претежно ќе биде во координација на МЕП, меѓутоа во соработка со Министерството за финансии, заради финансиската компонента на целата Реформска агенда. Тоа што сега изгледа дека ќе биде структура, подразбира дека секое Министерство ќе биде носител на одредена област. Засега точно се знае дека МП ќе биде носител на петтиот столб, бидејќи таму има реформи во надлежност само на Правда, додека кај другите области ќе мора да се договорат да бидат копретседавачи во зависност од тоа кои реформски чекори се предвидени“, рече Муртезани.
Вториот предизвик, според него, е листата на проекти, бидејќи, како што кажа таа листа засега изгледа на листа на желби, која понатаму треба да се преточи во листа на проекти и тие проекти за да станат предмет на финансирање мора да станат зрели.
Додаде дека освен сè ова што е предвидено како механизам, секогаш ЕК има право на дополнителни проверки и барања, ако смета дека одреден чекор не е како што треба спроведен.
„Ако ние сме се обврзале на реформи, а сме добиле алокација на средства за нивно спроведување, јас секогаш ќе се држам до тоа што е преземено. Ако некои министри сметаат дека одреден проект треба да се направи различно, тоа е нивно право, но треба да најдат извор на финансирање. Овој процес е заокружен и затоа имаме список на потенцијални проекти“, истакна Муртезани.
Вели дека Реформската агенда е добра шанса на брза трака ние да направиме одредени реформи за кои во нормални услови би требале од седум до десет години.