Министерот Муцунски истакнал дека главната цел на државата е да стане членка на Европската Унија што поскоро и ги подвлекол приоритетните задачи на надворешната политика, каде европската интеграција и остварување на полноправно членство, претставуваат врвен приоритет.
„Навраќајќи се на долгиот период на нашиот ЕУ интегративен процес, покажаната кооперативност и конструктивност од наша страна е препознатлив атрибут во водењето на процесот. Посебноста на нашето досие и искуството низ кое минуваме во пристапувањето кон ЕУ е посебен квалификатив, кој сметаме дека заслужува посебен третман и признание од земјите членки на ЕУ“, рече Муцунски.
Министерот се осврнал и на други приоритети во остварувањето на стратешките цели, забрзување на процесот на пристапување во ЕУ, зајакнување на односите со стратешките партнери, активна регионална соработка, обновување на довербата во државните институции и започнување на бескомпромисна борба против корупцијата, со владеењето на правото како водечки принцип.
Муцунски за соработката со Европската Унија и Европската комисија истакнал дека поддршката и експертизата на Унијата се од суштинско значење за реформите, стабилноста и просперитетот на земјата, потенцирајќи дека како држава, високо се цени помошта која што доаѓа од претставниците на земјите членки на ЕУ и на ЕК, а партнерството со ЕУ ќе продолжи да се развива со исто темпо и врз основа на споделените вредности и принципи.
Тој ја нагласил улогата и активната работа на амбасадорот Гир во изминатите четири години, во период на големи предизвици и навистина тешки состојби, чии што последици ги почувствуваа сите земји, вклучително и граѓаните во нашата земја.
„Воедно, Муцунски изрази благодарност за неговата работа и интензивната соработка, при што активниот и продуктивен пристап на амбасадор Гир, имаа огромен придонес во остварувањето на зацртаните цели, што дополнително остава силен печат во релациите со ЕУ и ЕК и во постигнување на извонредните перформанси на Делегацијата на ЕУ во Македонија, кои ќе останат трајно забележани“, се вели во соопштението од министерството.