петок, 18 октомври 2024

Муцунски: Имаме право да кажеме каде Бугарија мора да се подобри особено за пресудите на ЕСЧП

Интеграцијата на нашата држава во Европската Унија е од заеднички интерес за целиот регион, истакна министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во неговото обраќање на есенската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, која се одржува од 30 септември до 4 октомври 2024 година во Стразбур, а во контекст на односите помеѓу Македонија и Бугарија.

Објавено на

часот

Сподели

„Да зборуваме за она што не обединува и за тоа што можеме да го направиме заедно. Придвижувањето на нашиот пат кон ЕУ е важно не само за нас, туку и за нашите соседи, кои ќе имаат најголеми придобивки од нашето членство“, рече Муцунски.

Министерот исто така зборуваше за третманот на малцинствата во двете земји – бугарското малцинство во нашата држава и македонското во Бугарија.

„Не постои случај каде бугарското малцинство било дискриминирано во нашата земја, но ако постои таков случај, подготвени сме да разговараме и да работиме институционално за негово решавање. Ајде заедно да ги унапредуваме правата на малцинствата во двете земји. Секој предлог за подобрување го прифаќаме со отворени раце, но и ние имаме право да дадеме примери каде и Бугарија мора да се подобри, особено во врска со пресудите на Европскиот суд за човекови права,“ истакна Муцунски.

Во завршницата на своето обраќање, министерот се осврна на иднината на регионот, која ја гледа како дел од ЕУ.

„Ние, како млада генерација политичари, можеме да учиме од историјата, но и да гледаме напред – кон вештачката интелигенција, трговијата и можностите за соработка меѓу нашите земји. Сите наши соседи ги сметаме за пријатели и ќе продолжиме да се однесуваме така. Ајде заеднички да го придвижиме регионот напред на патот кон Европската Унија“, порача Муцунски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ