За време на бунтот од 23 до 24 јуни, Суровикин, командант на руските напади врз Украина, се појави на видео и изгледаше напнат, повикувајќи го шефот на Вагнер, Јевгениј Пригожин да се откаже од маршот кон Москва.
По бунтот, кој заврши со преговори и договор, некои руски и други медиуми објавија дека Суровикин, кого Пригожин често јавно го пофалуваше пред бунтот, бил под истрага за можно учество во бунтот и дека е во домашен притвор.
Рускиот медиум РБЦ и Телеграм-каналот Рајбар, близок до Министерството за одбрана, во вторникот објавија дека Суровикин е сменет од функцијата командант на руските воздухопловни сили.
Денеска РИА цитираше неименуван извор што рекол: „Поранешниот шеф на руските воздухопловно-вселенски сили Сергеј Суровикин сега е разрешен од должноста“.
Според истиот извор, поранешниот заменик на Суровикин, Виктор Афзалов, „привремено дејствува како врховен командант на воздухопловните сили“.
Ројтерс не можел независно да го потврди извештајот, кој не е официјално потврден.
Беше на чело на руските сили во Украина
Суровикин го стекна прекарот „Генерал Армагедон“ за време на руската воена интервенција во Сирија поради бруталните тактики што ги користел таму.
Во октомври 2022 година, тој беше назначен за шеф на руските воени операции во Украина, но во јануари таа улога му беше доделена на генералот Валериј Герасимов, началник на Генералштабот, а Суровикин беше назначен за заменик на Герасимов.
Според британските воени разузнавачи, Афзалов претходно служел како заменик на Суровикин и бил началник на штабот на Воздухопловните сили најмалку четири години.
За време на отсуството на Суровикин од очите на јавноста, Афзалов минатиот месец беше прикажан на телевизија како го брифира Герасимов.