среда, 4 декември 2024

Трамп и Камала ги одржаа своите последни говори

На последниот ден пред екстремно тесните претседателски избори во САД, Доналд Трамп и Камала Харис најавија победи додека ги одржаа последните собири во Пенсилванија и други држави кои се сметаат за клучни за овие избори.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Кампањата доживеа вртоглави пресврти: два обиди за атентат и осуда за кривично дело на републиканскиот поранешен претседател Трамп и изненадувачката номинација на демократската потпретседателка Харис откако претседателот Џо Бајден (81) се повлече од кандидатурата за реизбор под притисок на сопствената партија.

Според АдИмпакт, аналитичка компанија, повеќе од 2,6 милијарди долари се потрошени од март за да се придобијат гласачите.

Сепак, анкетите покажуваат дека Трамп (78) и Харис (60) се речиси изедначени. Победникот можеби нема да биде познат со денови по гласањето во вторник. Трамп веќе сигнализираше дека ќе се обиде да се избори со секој пораз, како што направи во 2020 година.

И двајцата кандидати предвидоа своја победа на собирите во Пенсилванија во понеделникот, каде што ги повикаа поддржувачите кои сè уште не гласале да излезат на гласачките места на денот на изборите.

Таа држава има најмногу гласови во изборниот колеџ од која било од седумте држави што се очекува да го одредат исходот од претседателските избори.

Трамп исто така имаше настап во Северна Каролина и Мичиген на последниот ден од кампањата пред да се упати дома во Палм Бич, Флорида, за да гласа и да ги чека резултатите од изборите.

Харис имаше пет настапи во предизборната кампања во Пенсилванија, вклучително и два града што ги посети и Трамп, Ридинг и Питсбург.

Камала: Замавот е на наша страна. Ќе победиме

Денот во Филаделфија го заврши со митин на скалите прославени во филмот Роки, на влезот во Музејот на уметноста во Филаделфија.

И покрај тоа што уживаше во поддршката од познатите личности, вклучувајќи ги Лејди Гага и Опра Винфри, кои ја загреваа публиката во Филаделфија пред Харис да излезе на сцената, Харис себеси се нарече аутсајдерка која, како Роки, е подготвена да „се искачи до победата“.

„Замавот е на наша страна“, рече Харис пред толпата која извикуваше „Ќе победиме“.

„Вечерва, значи, завршуваме како што почнавме: со оптимизам, со енергија, со радост“, рече Харис, предвидувајќи ги едни од најнеизвесните избори во историјата на САД.

Во Алентаун, Харис ја повика големата градска порториканска заедница, огорчена од навредите на комичарите на собирот на Трамп минатата недела, да гласа. Потоа застана во Ридинг и одржа краток собир во Питсбург, каде свиреше поп-ѕвездата Кети Пери.

Трамп: Ова е последен собир

Трамп го завршуваше својот четврти и последен собир по полноќ пред преполната арена во Гранд Рапидс, Мичиген. Во тој град ги заврши и претходните две претседателски кампањи.

Тој ги повтори своите ставови за зголемување на граничната безбедност и во исто време ги нападна економските резултати од мандатот Бајден-Харис.

Тоа беше и последен предизборен собир во неговата кариера, бидејќи рече дека не планира повторно да се кандидира за претседател доколку не ја освои Белата куќа на изборите.

„Ова е последен“, рече Трамп, оценувајќи дека одржал 930 собири од првата кампања во 2015 година.

„Ако ги извлечеме нашите луѓе на гласање, готово е, нема да можат ништо да направат“, додаде Трамп.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ