По наводите изнесени на денешната прес-конференција од страна на Александар Насковски од Независниот синдикат на професионални војници дека Министерството за одбрана ја има сопрено уплатата на членарината на Синдикатот и на тој начин го оневозможува синдикалното делување, стаса реакција од МО во која се вели дека Насковски уште во мај 2023 година е разрешен од функцијата претседател на синдикалната организација Независен синдикат на професионални војници.
„Во врска со наводите изнесени на денешната прес-конференција ве информираме дека во мај 2023 година претседателот на Мултиетничкиот синдикат за образование го информира МО дека Александар Насковски е разрешен од функцијата претседател на синдикалната организација Независен синдикат на професионални војници – подружница на Мултиетничкиот синдикат за образование. Во ноември Министерството за одбрана е информирано дека нов претседател на овој Синдикат е Зоран Павловски“, пишува во соопштението на МО.
Во меѓувреме, од Министерството за одбрана велат, Александар Насковски формирал нов синдикат МЕС и во рамките на тој, нова подружница со исто име како и претходниот синдикат и пријавува нова жиро сметка за истоимена синдикална организација како нов правен субјект.
„Ваквата недоречена ситуација создала несигурност и сомнежи кај службениците чија одговорност е исплаќањето кои се обратиле до двата синдикати со барање да го потврдат членството. По ова, претседателот на Независниот синдикат на професионални војници, подружница на МЕСО, Зоран Павловски доставува список на членови и потврдува дека тие и понатаму се членови на тој синдикат, додека Александар Насковски сè уште нема доставено потврден список на членството“, додаваат оттаму.
Во интерес на заштита на вработените, од МО велат ќе исплатат членарина на оној правен субјект на кој членовите со пристапници ќе се изјаснат дека припаѓаат.
Во пресрет на потпишувањето на новиот Колективен договор и во интерес на вработените во Министерството и Армијата, министерката Славјанка Петровска повикува на обединување на петте синдикати, со што ќе се покаже дека интересите на вработените се пред сè.
Министерката Петровска, како што е наведено во соопштението од Министерството за одбрана, одржува редовен дијалог со сите регистрирани синдикати со кои се решаваат сите прашања и ниту едно прашање не било игнорирано, напротив на сите е одговорено.