„Ја информираме јавноста дека делегацијата на Самитот на НАТО беше точно определена од страна на Алијансата и таа броеше вкупно 21 член, согласно протоколите на НАТО. Притоа, потенцираме дека Јован Мицкоски, синот на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, не беше еден од членовите на делегацијата, иако претседателот Мицкоски имаше покана за придружба од член на семејството“, се вели во реакцијата од Министерството.
Истовремено, информираат дека за патувањето на Јован Мицкоски не се потрошени средства од Буџетот на Република Северна Македонија.
Посочуваат дека за сите дополнителни информации, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија останува отворено за јавноста.
Претпладнево, откако беше објавена фотографија од САД на која е и синот на Мицкоски, СДСМ побара од премиерот Христијан Мицкоски да каже дали на државен трошок во САД го носел синот, а по реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ, во која беше негирано дека се потрошени државни пари, од СДСМ побараа тој да ги објави приватните сметки за картата и трошоците за синот.