петок, 18 октомври 2024

Младите лекари во Англија започнаа штрајк, шест дена нема да работат

Младите лекари во Англија, кои имаат статус на практиканти, утрово прекинаа со работа на шест дена барајќи покачување на платата, што е невиден штрајк за јавниот здравствен систем во Британија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

По тридневниот штрајк пред Божиќ и неколкуте прекини на работа во последните месеци, младите лекари ја интензивираат мобилизацијата поради немање договор со владата во кризата предизвикана од инфлацијата.

Штрајкот на младите лекари, кои во Англија ги има околу 70.000, почна во средата наутро и ќе заврши во вторник во исто време. Новиот шестдневен штрајк доаѓа додека британскиот систем за јавно здравје, НХС, има недостиг од лекари и се бори да ги намали огромните листи на чекање на пациентите.

Последните месеци беа обележани со серија историски штрајкови на различни категории вработени, вклучително и медицински сестри за прв пат. НХС е загрижен за можните последици од понатамошните прекини во работата во екот на зимата бидејќи „речиси целата рутинска нега ќе биде нарушена“ поради приоритетот кој се дава на одделот за итни случаи.

Овој јануари може да биде „еден од најлошите почетоци на годината за НХС“, предупреди во соопштение Стивен Пауис, медицински директор на НХС Англија, кој ги повика пациентите да не се откажат од посета на лекар.

„Оваа акција не само што ќе има големо влијание врз планираните медицински процедури, туку исто така доаѓа на врвот на серија сезонски притисоци како што се ковид, грип и отсуство на персонал поради болест, а сето тоа влијае на начинот на кој пациентите се згрижуваат во болниците“, додаде тој.

Младите лекари во Англија заработуваат околу 37.000 евра во првата година, покажуваат владините податоци. Според синдикатот БМА, кој има околу 46.000 практиканти, нивните плати се намалени за околу четвртина од 2008 година, кога се зема предвид инфлацијата.

Есента владата пет недели преговараше во обид да ја реши ситуацијата пред тензичниот зимски период. На почетокот на декември понуди зголемување на платите за 3 отсто, а летово одобри просечно зголемување од 8,8 отсто. Но, за синдикатот БМА, „владата не се покажа дека може да понуди веродостојна понуда за платите“, со предлог кој, како што се вели, нема да го спречи падот на куповната моќ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ