„Во врска со изјавата на премиерот, би сакале да укажеме дека со таквата неоснована изјава премиерот ни нанесува голема деловна штета, рушејќи го нашиот кредибилитет.
Веруваме дека премиерот, со кого лично се познаваме и меѓусебно се почитуваме, оваа изјава ја дал без размислување и заради политичкиот контекст, оттука бараме од него истата изјава да ја повлече или да се извини. Не би сакале да бидеме во ситуација да мораме да бараме надомест на штета“, се вели во реакцијата на агенцијата Маркет вижн која ја спроведе анкетата што беше објавена на 23 декември на МКД.мк.
„Најдобар демант за оваа несмасна изјава на Ковачевски се анкетите кои МКД.мк и Маркет вижн ги спроведе изминативе години и резултатите од неколкутте изборни циклуси. Резултатите на сите овие истражувања на јавното мислење и конечните резултати на парламентарните, претседателските или локалните избори во последната деценија се разликуваа во милиметри. Од ПР аспект јасна ни е потребата на претседателот на СДСМ во една таква ситуација да се обидува да глуми самоувереност и да шири оптимизам за потребите на неговото членство, само го замолуваме тоа да не го прави на штета на угледот и добрата деловна практика на компаниите. Но, на сето ова ќе го потсетиме Ковачевски веднаш штом се објават официјалните резултати на претстојните парламентарни избори закажани за 8 мај“, се вели во реакцијата на редакцијата МКД.мк.
Вчера Димитар Ковачевски прашан да ги коментира резултатите на анкетата на МКД.мк и Маркет вижн во однос на растот на корупцијата и криминалот во Македонија, одговори дека зависи кои анкети се гледаат.
„Различни анкети различни резултати. Секоја анкета, без разлика дали е пишувана во некој партиски штаб како што е таа што ја цитирате или се работи за друга анкета, даваат податоци за анализирање…“.
Инаку, последната анкета на МКД.мк и Маркет вижн покажува драстичен пад на рејтинзите и на СДСМ и на Димитар Ковачевски како премиер.
Изјавата на Ковачевски е после 33-та минута од видеото: